Светот на работникот

Воведување на право за менструално отсуство во Македонија?! Замбија и Тајван се сто години пред нас во унапредување на работничките права

Правото на платено отсуство поради потешкотии за време на менстуралниот циклус кај жените во Македонија, се‘ уште е табу тема. За разлика од нас, некои земји во Европа, како Шпанија, отидоа чекор напред и усвоија закон којшто предвидува жените кои имаат големи болки за време на менструалниот циклус да можат да земат неколку дена платено отсуство од работа.

Инаку, во светски рамки, ова право не е од вчера. Со години наназад постои во Јапонија, Индонезија, Тајван и Замбија. Секаде во различна форма.

Адвокатата Наташа Стефановска за „Работник“ вели дека во Македонија, на жените кои се соочуваат со тешки физички болки за време на менструалниот циклус, треба да им се овозможи ова право.

Мое лично мислење како жена е дека жените кои поминуваат низ тешки физички болки за време на менструалниот циклус треба да имаат право на отсуство од работното место – вели Стефановска. 

Физичките болки, објаснува таа, многу влијаат и на психолошката состојба кај жените кои се во работен однос и во таква состојба се помалку продуктивни.

Додаде дека треба да се направи и разлика на овој тип болка од актуната, бидејќи се јавува секој месец.

Претседателката на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева, вели дека секогаш е за унапредување на работничките права, особено на жените.

Живееме во општество со синдикати кои се продолжена рака на партиите, а шураат со работодавачите, додека довербата во судството ни е феноменални 4 %, додека се‘ уште слушаме за откази и прекин на договор за работа поради бременост или родителство, забрана за одење во тоалет, корумпирани институции и Министерство кое крои закони за работничките права со омилените синдикалци и работодавачи, ние може само да сонуваме за зголемување и уживање на правата на жените работнички – вели Ампева. 

Како би можело ова право законски да се уреди во Македонија?

Адвокатата Стефановска смета дека репер за воведување на ова право би требало да се земе од Шпанија, чиј парламент неодамна усвои Закон којшто го овозможува истото.

Одличен пример за решавање на ваквиот проблем кој и ние би требало да го следиме е Законот за дозволено отсуство од работното место во период на менструален цилус кој неодамна го усвои Шпанскиот парламент – посочи таа.

Стефановска предлага да се направат измени во Законот за здравствено осигурување, каде што конкретно би се вметнале условите за користење на ваков вид на боледување.

Секако, истото би се засновало на стручно мислење од лекари специјалисти кои ќе ја оценат состојбата на жената и доколку истата поминува низ тешки болки, месечно би ѝ се одобрувале 2-3 дена ослободување од работното место – вели Стефановска. 

Според неа, измени треба да се направат и во Законот за работните односи, каде конкретно ќе биде наведено задолжението работодавачот да ги ослободи работничките кои ги исполнуваат условите предвидени за ваквиот вид на отсуство.

Конкретните измени на законите, појаснува таа, би спречиле злоупотреба од страна на работодавачите, бидејќи тие ќе имаат законска обврска која ќе треба да ја исполнат, а од друга страна, условите под кои би се користело ова право, доколку се исполнети заедно со мислењето од специјалисти, би било добра поткрепа за работничките да се повикаат на ова право.

Како ова право е регулирано во земјите во кои веќе постои?
Советски сојуз

Ова работничко право првобитно било воведено во Советскиот сојуз во 1922 година и им овозможувало на жените кои работат во фабриките да земат по два до три дена месечно, целосно платено остсуство поради менструален циклус, пишува Еуроњуз.

Јапонија

Јапонија е втората земја во светот која го вовела менструалното отсуство во 1947 година. Тогаш намерата била на жените да им се овозможи ова работничко право каде што условите за работа биле неадекватни.

Членот 68 од Актот за трудови стандарди на Јапонија, кој е веќе 75 години на сила, вели: „Кога жената на која во текот на менструалниот период ѝ е особено тешко да ги извршува работните задачи, работодавачот нема да нагласува дека жените треба да работат во такви периоди“.

Работодавачите имаат дискретно право и можат да го овозможат отсуството календарски, полудневно или часовно. Жените работнички треба само да го побараат и немаат потреба да поднесуваат никаква медицинска документација.

Но, оваа политика се докажало дека е контроверзна и дека сее страв од дискриминација. Според неодамнешната анкета на Nikkei Intelligence Group помалку од 10 % од жените во Јапонија го користат ова право.

Индонезија

Индонезија го вовела ова работничко право во 1948 година, наменувајќи го за жените рудари и за работничките во фабриките кои немале добри санитарни и хигиенски услови на работните места.

Иако им било од голема корист на работничките кои работеле физичка работа, податоците од истражувањата покажуваат дека жените вработени во продажба и финансии ретко го користат ова право, бидејќи им било срам да го користат.

Во 1990-тите, Асоцијацијата на индонезиските бизнизжени дури повикала на преиспитување на ова право, етикетирајќи го како „контрадикторно на целите за еманципација на жените“.

В0 2003 година, поради новите реформи, ова право било намалено. Законот повеќе не овозможува два дена платено отсуство, па наместо тоа, ова право се преговара помеѓу работодавачите и синдикатите.

Јужна Кореја

Во 2001 година, Јужна Кореја го ратификувала членот 73 од нејзиниот Акт за трудови стандарди кој им овозможува по еден неплатен ден отсуство на барање на работничките.

На ова имаат право сите жени работнички, без разлика на нивниот работнички статус и колку време работат во компанијата.

Работодавачите кои ќе го прекршат ова право ќе бидат казнети со до две години затвор и парична казна од 10 милиони вони или околу 7,500 евра.

Сепак, и во оваа држава темата е контроверзна. Некои машки работници јавно негодувале портив менстуралното отсуство, нарекувајќи го „обратен сексизам“, па поради тоа се помалку од  жените го користат.

Во 2012 година, Сунг Џае-ги, лидер на организацијата за правата на мажите „Мажи на Кореја“, на Твитер објавил дека жените треба да се срамат од самите себеси, прашувајќи ги зошто прават толкава галама поради менструалниот циклус кога стапката на наталитет во државата е најмала во светот.

 Тајван

Менструалното отсуство првобитно било воведено во Тајван во 2002 година, а изменето во 2013 година. Ова право дозволува максимални три дена менструално отсуство на годишно ниво, при што работничките добиваат само половина од платата.

Оргиналниот Закон предвидувал жените да имаат право на менструално отсуство, но истото било интегрирано во 30 дневно боледување кое било овозможено за половина плата. Како резултат на тоа, доколку жената земела три дена менструално отсуство, ѝ останувале само 27 дена за боледување за цела година.

Новите измени во 2013 година се потрудиле да го поправат ова и жените сега имаат право на три дена менструално отсуство на годишно ниво и половина од платата и дополнително 30 дена обично боледување. Ова значи дека жените можат да побараат и до 33 дена отсуство поради здравствени причини на годишно ниво.

Но постои една финта: доколку работничката земе повеќе од 30 дена за боледување, тогаш дополнителните три дена нема да ѝ бидат платени.

Замбија

Менструалното отсуство во оваа јужноафриканска земја било воведено во 2017 година.

Им овозможува на жените да земат еден ден отуство секој месец без да имаат потреба да предадат медицинска документација или пак да му дадат причина за отсуството на работодавачот.

Колоквијално именувано како „Денот на мајките“, иако се однесува на сите жени, без разлика дали имаат деца, ова право се користи на неформална основа, со тоа што жените едноставно се јавуваат на денот и велат дека ќе отсуствуваат од работа.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk