МФ: Скоро три милиони евра нова транша од Буџетот за поддршка на домашните компании, досега пласирани над 227 милиони евра
Домашната економија ќе добие дополнителна финансиска инјекција во износ од 176,6 милиони денари, што е приближно 2,9 милиони евра. Овие средства, префрлени од централниот Буџет, се наменети за поддршка на локалните претпријатија преку Развојната банка.
Ова претставува втора рата од буџетски средства оваа година, која ќе биде насочена кон Развојната банка. Оттаму, средствата ќе се дистрибуираат до комерцијалните банки, кои пак ќе ги пласираат кон крајните корисници – компаниите.
Досега, вкупно 14 милијарди денари, односно 227,3 милиони евра, се инвестирани во домашната економија преку оваа шема.
– Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт – импорт банка со цел поддршка на домашната економија.
Поддршката е структурирана така што компаниите ќе имаат можност да добијат средства по поволни услови, што ќе им овозможи реализација на нивните инвестициски проекти. Ова, пак, ќе придонесе за нивниот сопствен развој и за забрзување на целокупниот економски раст.
„Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95 отсто годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до три години“, информираат од Министерството за финансии.
Вкупната сума предвидена во Буџетот за поддршка на домашните компании изнесува 250 милиони евра, додека вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.

