Во Буџетот има пари за покривање на потребите и за антикризните мерки, тврди Бесими
Земјава ќе земе заем од ММФ на сума од над половина милијарди евра, кои ќе бидат наменети за справување со енергетската криза во земјава. Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, имено, дала зелено светло за доделување 530 милиони евра на земјава преку Кредитната линија за претпазливост (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци.
Од Министерството за финансии велат дека ова било големо признание за економските политики кои се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во телевизиско гостување изјави дека државата го заокружи целокупното финансирање на буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки. Цената на обезбедениот капитал за финансирање на буџетскиот дефицит и старите долгови кои доспеваат е по најповолни услови, поради заложбите на Владата за навремено обезбедување на капитал за финансирање на антиктризните мерки, но и другите буџетски потреби како зголемувањето на пензиите, социјалната помош, минималната плата, земјоделските субвенции и поддршката на фирмите за време на тековната криза.
Со Кредитната линија за претпазливост на ММФ, како што рече заокружено е потребното финансирање на буџетот за годинава.
-Ние цела година, од почетокот на кризата, работевме на поповолни услови за финансирање на буџетот, подобри во однос на оние кои би ги добиле доколку издадевме еврообврзница. Ако издадевме еврообврзница, каматната стапка ќе се движеше околу 8-8,5%. Ние оценивме дека условите не се поволни и затоа не излеговме со еврообврзница, а ниту земјите во регионот, иако имаше обиди за тоа, поради високите каматни стапки кои достигнуваа и до 11%. Сепак, успеавме да направиме оптимално портфолио согласно рочноста и ниските трошоци. Тука се средствата во износ од 250 милиони евра преку германската обврзница – инструмент кој досега нашата земја не го издавала, со каматна стапка 3,75% и 6-месечен ЕУРИБОР. Понатаму, тука се средствата преку кредитната линија за претпазливост на ММФ – ПЛЛ, каде што каматната стапка е околу 1%, плус камата на СПВ. Преку комерцијалната банка, „Шпаркасе“, обезбедени се 50 милиони евра со камата од 1,15% и 12-месечен ЕУРИБОР. Преку државни хартии од вредност на домашен пазар обезбедени се средства по пондерирана камата од околу 2,6%. Тука се и средствата кои ги користиме како депозит од минатата година во износ од 250 милиони евра со камата од 1,6%. Во просек заедно со депозитот од претходната година ние постигнавме каматна стапка од 3,3%“, посочи Бесими.
Министерот Бесими истакна дека во Буџетот има доволно средства за покривање на потребите, како и за мерките за намалување на ефектите од кризата. Сепак, нагласи дека тековната светска економска криза е една од најголемите од Втората светска војна наваму и дека можноста целиот шок да се покрие преку буџетот, а без притоа секој поединечно да не направи заштеда од аспект на користење на електричната енергија е невозможно.
Тој, исто така, информираше дека со премиерот Димитар Ковачевски ќе одат во Абу Даби да изнајдат инвеститори со директни комуникации за нашите потреби.
Веќе кога имаме програма со ММФ и кога имаме јасни политики, таму ќе ги претставиме нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја и ќе оствариме средби со претставници на неколку фондови, појасни Бесими и додаде дека еден од тие фондови, со кои ќе остварат средби, инвестира директно на меѓународните финансиски пазари.
Тој посочи дека една од темите на средбите со инвеститорите ќе биде и нашата еврообврзница за 2023 година. Рече дека ова е трета средба со претставници од Обединетите Арапски Емирати и очекува да има нешто поконкретно на оваа тема.
Има расположение, тие го познаваат нашиот пазар. Инвестицискиот фонд на Емиратите веќе има купено наши еврообврзници на аукции, така што не сме непознати за нивниот пазар, додаде министерот.