Во ЕУ одамна зборуваат за дигитализација на работните места, а ние се уште докажуваме кои права ни следуваат согласно законите

Бев учесник на една конференција на која се зборуваше за дигитализација на работните места, на која учествуваа претставници од неколку европски држави, некои од нив членки на Европската унија. Генерално, претставниците од државите на ЕУ сите кажаа по нешто на темата, а јас не знаев што да им кажам, бидејќи и нема што многу да се каже. За жал, ние се уште се занимаваме со основните работнички права и докажуваме што треба да ни следува, а е законски пропишано. Далеку сме од дигитализација на работни процеси и слични напредни фази, иако одамна требаше да започнеме да се фокусираме токму на нив.

Во делот на трудовата сфера, Македонија заостанува многу дури и зад Романија и Бугарија, што значи дека мораме напорно да работиме за да ја подобриме трудовата легислатива. Сепак, имајќи во предвид какви власти сме имале и имаме, тешко дека нешто ќе се подобри во скоро време. Така барем мене ми се чини, но и на многу од работниците кои секојдневно се соочуваат со слабостите на трудовиот систем.

Како што повеќе пати претходно реков, потребни ни се сурови реформи на трудовиот систем ако сакаме да направиме напредок на ова поле и да се приближиме до оние системи коишто ги имаат земјите членки на Европската унија. Немањето на политичка волја да се направи тоа е една од најголемите пречки за остварувањето на истото.

Имено, тука морам да споделам дека имам информации за тоа дека во 2000-те години до Собранието биле предложени неколку закони од областа на трудовата сфера. Еден од нив бил за најниска загарантирана саатнина, другиот за синдикално организирање и третиот, Закон за работни односи во кои би биле инкорпорирани овие два закони. Изворот со кого разговарав, кој ги поднел овие Закони до Собранието, вели дека од страна на една пратеничка му било речено дека особено Законот за најниска загарантирана саатнина, би направи револуција кај работодавачите, од причина што истиот предвидува дека доколку на работниците не им бидат исплатени платите до 15 во месецот, работодавачот треба да прогласи стечај. Истиот тој човек тврди дека усвојувањето на овие закони е предуслов за влез во Европската унија, теза којашто не е се уште потврдена. Повеќе за ова ќе можете да прочитате во некоја наредна сторија на порталот Работник.

За разлика од земјите кои се членки на ЕУ, Македонија е доста назад во однос на трудовата сфера и работничките права. Се надевам дека властите ќе најдат сили и дека, без разлика на тоа дали ќе влеземе или не во ЕУ, ќе ги спроведат потребните реформи од кои би имале корист и работниците и работодавачите.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.