Во земјава има 8.595 слободни работни места, погледнете во кои сектори
Стапката на слободни работни места во третото тримесечје од 2021 година изнесува 1,69%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупниот број слободни работни места во земјава е 8.595, од кои најмногу се во секторот преработувачка индустрија (1.732), кој, сепак, нема највисока стапка на слободни работни места. Највисока стапка на слободни работни места од 3,32% има во секторот административни и помошни услужни дејности, каде што има вкупно 730 слободни работни места. Голем број слободни работни места има и во секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (1.554), сектор кој има стапка на слободни работни места од 1,82%, а има и 906 слободни работни места во секторот градежништво, кој има стапка од 3,03% и 648 слободни работни места во секторот транспорт и складирање, кој има стапка од 2,29%.
Секторот образование има стапка на слободни работни места од 1,67%, односно вкупно 626 непополнети работни позиции.
Најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,20%, а каде што се бараат само 16 работници.

Деловните субјекти со број на вработени од 10 до 49 имаат највисока стапка на слободни работни места која изнесува 2,16%,се наведува во соопштението на ДЗС.


