ВО ШТО Е ПРОБЛЕМОТ? НАШИТЕ РАБОТНИЦИ НЕ ЧИНАТ ЗА ГАЗДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, А ЧИНАТ ЗА ДРУГИТЕ
Автор: Бобан Илијевски
Поголемиот дел од македонските работници се квалитетни и вредни, но само кога се добро платени за нивната работа. Оваа теза ја потврди и менаџерот за човечки ресурси на еден од најголемите ланци на хотели во Хрватска во интервју коешто го направив вчера.
Но, тој не е единствениот којшто го вели ова.
Имено, неодамна и медиумите пишуваа за тоа дека хрватските работодавачи се задоволни од македонските работници и ги сметаат за вредни, лојални и квалитетни.
За волја на вистината и голем дел од македонските работодавачи ќе го потврдат ова. Знаете, мислам на оние вистинските работодавачи. Лошите шефови или газди ќе кажат дека во Македонија нема добри работници, и тоа го велат оти нив така им чини, а не дека тоа е вистина. Едно е да се каже дека дел од луѓето не се работливи, а сосема друго е кога ќе се генерализира сето тоа.
Работниците се најважен ресурс на една компанија и вистинските работодавачи го препознаваат тоа. За газдите, тие претставуваат потрошена роба која, метафорично да се искажам, откако ќе послужи на целта, ќе биде фрлена во корпа за отпадоци. Но, работниците кои биле „фрлени во корпа за отпадоци“, повеќе не можете да ги најдете тука. Заминаа во земји каде се третираат како важен ресурс, а со оглед на тоа дека речиси секаде има недостиг од кадар, особено квалитетен, се повеќе компании сфаќаат колку важен ресурс е работникот.
Јас умеам да си кажам дека и кај нас ќе дојде денот кога газдите ќе го сфатат тоа. Не дека нема такви што не сфатија, но за жал, сѐ уште го губат натпреварот со овие другите. Но, се во свое време.
Жалам што сѐ уште има газди кои им го прекинуваат договорот на работничките откако ќе им кажат дека се бремени. Иако добро знаат дека тоа е спротивно на правните акти и претставува дискриминација, се дрзнуваат да го направат истото. Жалам и што постојат уште луѓе кои водат фирми и кои очекуваат и покрај прекршувањето на работничките права, да имаат работници.
Промените на пазарот на труд доаѓаат, па ќе биде неопходно од срж да се сменат пристапите и начините на функционирање доколку се сака да се опстои на пазарот.

