СветСиндикат

Вработените во Лувр најавија штрајк: Причини се поскапувањето на билетите и безбедносните пропусти

Вработените во музејот Лувр во Париз гласаа за штрајк во знак на протест поради лоши услови за работа, поскапувањето на билетите за посетители кои доаѓаат надвор од ЕУ и сериозните безбедносни пропусти што кулминираа со спектакуларна кражба.

Во писмо упатено до француската министерка за култура Рашида Дати, синдикатите CGT, CFDT и Sud предупредија дека „посетата на Лувр е претворена во вистински полигон со препреки“ за милионите луѓе кои доаѓаат да ги видат огромните колекции уметнички дела и артефакти.

Според нив, најпосетуваниот музеј во светот се наоѓа во „криза“ поради недостиг на ресурси и сè полоши услови за работа.

Кражба од 88 милиони евра

Синдикатите оценуваат дека кражбата на 19 октомври 2025 година го открила проблемот со приоритетите. Тогаш, крадци упаднале во музејот и за помалку од осум минути побегнале со плен проценет на 88 милиони евра.

Директорот на музејот подоцна призна „страшен пропуст“ во безбедноста.

Бандата користела товарен лифт и мотори за бегство, а витрините биле пресечени со брусилки. Меѓу украдените предмети се дијамантско-зелена огрлица што Наполеон ѝ ја подарил на царицата Марија Луиза, накит поврзан со две кралици од 19 век и бисерно-дијамантска тијара на царицата Еженија.

Украсите сè уште не се пронајдени.

Дотраени простории и поплави

Музејот се соочува и со инфраструктурни проблеми. Протекувањето вода на 26 ноември оштети стотици публикации во библиотеката посветена на египетската антика. Оштетени биле списанија и документи од 19 и 20 век.

Причина за поплавата било отворање вентил во водоводната мрежа, која треба да се замени следната година. Минатиот месец, музејот најави и привремено затворање дел од канцелариите и една јавна галерија поради ослабени подни греди.

Синдикатите предупредуваат дека застарените простории и недостигот од персонал негативно го погодуваат искуството на посетителите и доведуваат до затворање дел од поставките. Бараат итно насочување ресурси во подобрување на зградите и заштита на музејот, колекциите, посетителите и вработените.

„Се наоѓаме во дотраен музеј со очигледни безбедносни слабости“, изјави Кристијан Галани од синдикатот CGT. Тој нагласи дека одлуката за штрајк била едногласна и дека ротационите штрајкови може да го затворат музејот.

„Потребно ни е забрзување на промените“, додаде Галани.

Извор: EUpravo zato / Euronews