СветСиндикат

Генерален штрајк во Белгија на 25 јуни: Нарушувања низ целата земја

Белгија се подготвува за сериозни нарушувања во јавните служби и сообраќајот на 25 јуни, кога три главни синдикати – ABVV-FGTB, ACV-CSC и CGSLB-ACLVB – организираат генерален штрајк. Причината е несогласување со низа социјални реформи што ги предлага федералната влада, кои, според синдикатите, негативно ќе се одразат врз пензиите, надоместоците за невработените и платите на вработените.

Масовен протест во Брисел

Централниот настан на денот ќе биде масовен протест во главниот град Брисел. Демонстрантите ќе се соберат во 10 часот на железничката станица Brussel-North, од каде ќе се движат низ градот до станицата Brussel-Midi. Синдикатите ги повикаа сите граѓани да им се приклучат.

Во соопштението од ABVV-FGTB се наведува: „Социјалната сигурност се урива, платите се замрзнуваат, јавните служби се кратат, додека профитите растат, а социјалните нееднаквости се продлабочуваат.“

Воздушниот сообраќај целосно блокиран

Штрајкот ќе има сериозни последици врз воздушниот сообраќај. Сите патнички летови од аеродромите во Брисел и Шарлероа ќе бидат откажани, а на аеродромот во Завентем се откажуваат и сите пристигнувачки летови. Авиокомпаниите директно ќе ги известат патниците за нивните опции. Патниците се советуваат да го проверат статусот на своите летови на официјалните веб-страници на аеродромите или преку своите превозници.

Проблеми со јавниот превоз

Во главниот град, јавниот сообраќај управуван од STIB/MIVB ќе биде значително погоден. Очекувани се нарушувања кај метрото, трамваите и автобусите, иако точните детали допрва ќе бидат објавени. Повеќе информации ќе има во текот на вторникот попладне преку официјалните канали на STIB/MIVB.

На патниците им се препорачува да ја користат апликацијата Floya за алтернативно планирање на патувања, вклучувајќи велосипеди, електрични тротинети и споделени возила.

Автобускиот оператор De Lijn сè уште нема најавено учество во штрајкот, но е можно некои подизведувачи да се приклучат, па се советува следење на нивниот веб-сајт и апликација.

Железнички и меѓународен сообраќај

Националната железничка компанија SNCB досега нема добиено најава за штрајк, па се очекува возовите да сообраќаат нормално. Сепак, поради големиот број луѓе што ќе се движат кон и од Брисел, можно е зголемено метеж. На големите станици ќе има засилено присуство на безбедносни тимови за контрола на пристапот.

Сè уште не е познато дали ќе има прекини во меѓународниот сообраќај, особено кај услугите на Eurostar. Повеќе информации се очекуваат блиску до датумот на штрајкот.

Затворање на општински служби и проблеми со отпадот

Некои општински служби ќе бидат затворени. Општината Saint-Gilles веќе потврди дека службите за население, престој и матични книги нема да работат. Граѓаните се повикуваат да ги следат општинските канали за информации.

Очекувани се и проблеми со собирањето отпад во Брисел. Од компанијата Bruxelles-Propreté најавуваат дека ќе има доцнења во собирањето на ќеси, кабаст отпад и работењето на рециклажните центри. Граѓаните се советуваат да го изнесат ѓубрето како и обично, бидејќи наредниот ден ќе се организира дополнително собирање.

Сè уште не е познато дали поштенските услуги на Bpost ќе бидат погодени од штрајкот.

Извор: EUpravozato.rs