НовостиСветот на работникот

Германски цени, македонски плати: Луѓето бараат дополнителна работа за да ги покријат трошоците (Анкета)

   Време за читање 1 минута

Живееме во држава каде што цените се германски, а платите македонски. Поради ова, многу луѓе се принудени да работат дополнителна работа на скратено работно време или хонорарно. На тој начин, успеаваат да обезбедат пари за да можат да ги покријат своите трошоци.

Неодамна, на нашата Фејсбук страна постиравме анкета со прашањето: „Дали покрај Вашата моментална работа, работите и втора (на половина работно време, хонорарно…)?“

За разлика од претходните анкети, кога илјадници луѓе одговараа, овојпат само 114 се решиле да го сторат тоа. Малиот број на одговори може да се должи на чувствителноста на темата. Многумина не сакаат нивните работодавачи да дознаат дека работат втора работа. Тука секогаш постои и опцијата дел од нив да работат во неформалниот сектор.

Инаку, на нашите следбеници и читатели им понудивме четири можни одговори – класичните „Да“ и „Не“, „Барам втора работа“ и „Не сакам да откријам“.

Најголемиот дел од испитаниците или 48 % посочиле дека не работат втора работа. Сепак, тоа што 23 % одговориле потврдно, а 26 % дека бараат дополнителна работа, покажува дека испитаниците сметаат дека им е потребна втора работа, за да заработат дополнителни средства.

Само 3 % од нив не сакале да откријат дали работат втора работа.

За потсетување, минималната плата изнесува 20,175 денари. Според податоците на надлежните институции, оваа плата ја земаат околу 80,000 вработени. Просечната плата во мај месец изнесуваше 36,465 денари.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера