СветСветот на работникот

Германците не знаат како да го спречат ова: Контрола нема, а на луѓето им е важно секое евро

   Време за читање 5 минути

Во Германија работењето на црно во секторот на домашни услуги е еден од горливите проблеми на пазарот на труд.

Иако легалните компании како што е Хаусгемат (Hausgemacht) вработуваат постојани хигиеничари и нудат сигурни работни места, се соочуваат со хроничен недостиг на работна сила. Причина? Многумина преферираат да работат на црно бидејќи им овозможува исплата на готовина без плаќање на даноци и придонеси.

Директорката на фирмата Силке Кам во изјава за германските медиуми тврди дека побарувачката за нивните услуги непрестајно расте, но се’ потешко е да се најдат работници. „Црниот пазар ни ги одзема. Некои луѓе финансиски се во многу тешка ситуација и секое евро им е важно. Затоа сакаат готовина на рака за веднаш да ја потрошат“, објаснува.

Германскиот економист Доминик Енсте од Институтот за германска економија веќе со години ги истражува трендовите на работење на црно во домаќинствата. Неговата анализа покажува дека бројот на работници на црно констатно е голем, а причините за тоа се повеќе. Традицијата на работење на црно е длабоко вкоренета во германското општество, а приватните работодавачи често не сакаат да преземат одговорност за плаќање на боледувањата, придонесите за пензии и годишни одмори. Покрај тоа, бирократските препреки ги обесхрабруваат граѓаните легално да ги пријават куќните помошници.

Мини – работите не го решиле проблемот

Еден од обидите да се намали работата на црно било воведувањето на мини – работи – работни места со пониски примања и намалено даночно оптоварување. Но, оваа стратегија не ги дала посакуваните резултати. Како што објаснува Енсте, куќните помошници немаат доволно поттик за пријавување бидејќи често веќе се здравствено осигурани преку семејствата, а пензиските придонеси не им се доволно големи за да имаат значајна корист од легалната работа.

Уште еден проблем преставува фактот дека веројатноста за откривање на работата на црно е многу мала. Германската царина, која е задолжена за контрола на нелегалната работа, нема овластувања да влегува во приватни домаќинства. Прекршоците обично се открвиваат по случување на несреќи при работа или кога ќе ги пријават соседите.

Дигиталните платформи и работниците без осигурување

Со развојот на дигиталните платформи како што е „Helpling“ се очекувало дека состојбата ќе се подобри. Но, истражувањето на здружението „Hans – Bokler“ покажало дека голем број на работници на овие платформи не се регистрираат како стопанственици и не плаќаат даноци.

„На нивните интернет страни јасно пишува дека при ангажирањето се осигурува само заштита од одговорност и кражба, додека останатите социјалните надоместоци не се покриени“, се наведува во студијата. Тоа значи дека работниците работат како самовработени, препуштени самите на себе кога станува збор за плаќање на даноци и осигурување од здравствени ризици, како изложеност на хемикалии, физички напор и несреќи при работа.

Белгискиот модел како пример

Додека Германија се’ уште бара решенија, Белгија веќе презела конкретни чекори во сузбивање на работата на црно. Таму државата по пат на систем на ваучери ги субвенционира легалните услуги во домаќинствата. Секој граѓанин може да ги користи овие субвенции за по пониска цена да ангажира регистрирани хигиеничари и куќни помошници, пишува Т портал.

Примеров од пракса покажува како тоа функционира: Еливна, хигиеничарка која во Белгија четири часа неделно го одржува станот на семејството Сантис е вработена во фирма за чистење и прима 14 евра на час, има додаток за превоз, здравствено осигурување и платен годишен одмор. Семејството за нејзините услуги плаќа само 10 евра на час, додека остатокот го субвенционира белгиската држава.

Според менаџерот за општествено влијание Оливијер де Кок, ваквиот систем ја намалил работата на црно за повеќе од 50 %. „На домаќинствата повеќе не им се исплаќа да вработуваат работници на црно бидејќи ваучерите се поповолни и овозможуваат легален ангажаман“, објаснува де Кок.

Белгиската студија покажува дека преку овој модел се отворени 150,000 работни места, а повеќе од милион домаќинства користат легални услуги за чистење. Иако државата годишно вложува 2,5 милијарди евра во оваа програма, дури 88 % од тие средства се враќаат преку даноци, пензиски придонеси и намалени трошоци за социјални надоместоци. Освен тоа, работниците се осигурани и заштитени од експлоатација.

Извор: b92.net

Фото: Wako Megumi/Shutterstock