- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Годишно собрание на Асоцијацијата за е-трговија

Годишно собрание на Асоцијацијата - Работник
108views

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија го одржа своето Годишно Собрание, онлајн, согласно мерките за заштита од коронавирусот.

Како што се наведува во соопштението од Годишното собрание што се одржа вчера, во последната година АЕТМ постигна значајни резултати – ја подигна свеста за значењето и потенцијалот на е-трговијата и директно помогна за зајканување на дигиталните вештини и зголемување на понудата во е-трговијата, особено во време на пандемија каде што е-трговијата се покажа како неопходност. Ова го постигна преку активно работење на неколку проекти и иницијативи истовремено за директна поддршка на новите, но и на постоечките е-трговци, преку организација на најразлични тренизи за зголемување на дигиталните вештини поврзани со е-трговијата, преку потпишување на меморандуми за соработка со неколку домашни институции, како и преку бројни појавувања и објави во медиумите.

Advertisement
Поддршка за работата на Асоцијацијата упатија Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Северна Македонија, регионалниот директор на Мастеркард, Вања Манова и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, преку своите воведни обраќања на почетокот на Собранието.

Во својот поздравен говор претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска упати благодарност кон бизнис секторот, донорите, институциите и поддржувачите кои го препознаа потенцијалот и потребата од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

-Потребата, значењето, придонесот и улогата на Асоцијацијата за е-трговија уште повеќе дојдоа до израз со почетокот на пандемијата. Во текот на 2020 година го лансиравме сеопфатниот проект „Е-трговија за сите” на кој работевме од 2019 година, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Достигнавме 100 членови и уште повеќе ја зајакнавме позицијата и гласот на е-трговијата во земјава. Будно го следиме пазарот, предизвиците и потребите на членовите и секоја активност која ја преземаме е резултат на анализа. Препораките кои се дел од објавените сеопфатни анализи во 2018 и неодамна објавената во 2020, претставуваат основа за нашите следни чекори и делувања. Заедно постигнавме значаен напредок и раст, кој беше и забрзан поради пандемијата изминатава година, но имаме уште долг пат и многу работа. Потребен е холистички пристап, добра соработка и вклученост од сите засегнати страни за да го забрзаме растот и трансформацијата кон дигитално општество, истакна Ангеловска

Advertisement

Е-трговијата има голема улога во глобалната економија, а посебно со појавата на пандемијата. УСАИД е долгогодишен партнер на оваа земја во изградбата на посилна и поразвиена економија и горд партнер на АЕТМ во раст и развој на економскиот успех на бизнис секторот.

-Во основата на нашиот пристап за ко-инвестирање е примената на локална експертиза преку која ќе се работи на идентификуваните предизвици. Онлајн платформата „eCommerce4All“ е одличен пример за тоа како може да се поддржат локалните потреби преку јасно водење на компаниите низ процесот на работење преку интернет, со фокус на безбедна и регулирана понуда на услуги и продукти. Преку овие бесплатни услуги, вие поддржавте бројни деловни субјекти да ги прошират своите канали на продажба и целокупниот сектор за е-трговија, истовремено помагајќи да се минимизира неформалната економија, изјави Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Северна Македонија.

Мастеркард е генерален партнер и поддржувач на АЕТМ уште од самите почетоци. Со нивната поддршка се реализирани бројни иницијативи за развој на е-трговијата меѓу кои и сеопфатните анализи на пазарот на е-трговија во земјава во 2018 и 2020 година.

-Иако Мастеркард е глобална компанија, ние дејствуваме и поддржуваме локален развој и за нас партнерството е најзначајно. Веќе можам да ја видам ефикасноста и резултатите од партнерството со АЕТМ и нивното работење. Ние ќе продолжиме и понатаму заеднички да креираме стандарди за да го подобриме корисничко искуство и да го направиме побезбедно и посигурно за купувачите, изјави Вања Манова, регионалниот директор на Мастеркард.

Изминатата година, АЕТМ и Фондот за иновации и технолошки развој потпишаа меморандум за соработка, а во тек се дискусии за организација на заеднички иницијативи кои ќе адресираат дел од мапираните предизвици и бариери.

-Пандемијата предизвикана од Ковид-19 во уште поголема мера покажа дека за голем број компании онлајн продажбата е од витално значење. Оние кои брзо успеаа да се адаптираат на новата економска реалност, бележат и раст на профит и услуги. Фондот за иновации и технолошки развој, во компаниите кои се насочени на е-трговија инвестираше речиси 48 милиони денари, додека вкупната вредност на овие проекти изнесува околу 117 милиони денари. Еден од поддржаните проекти е и „Дигитални услуги за сите“ на АЕТМ – веб платформа на која се прикажани сите бесплатни дигитални услуги кои се достапни поради појавувањето на пандемијата со корона вирусот, за време на која голем број на граѓани се принудени да останат дома. ФИТР е особено фокусиран на дигитализација на индустриите, за што во моментов имаме и активен повик за дигитализација на земјоделството кој е отворен се до 16ти април, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Во 2021 година дел од активностите на Асоцијацијата ќе бидат насочени кон борба со сивата економија – неодамна беше објавен првиот регистар на е-трговци и беше лансиран беџот за верификуван е-трговeц со кој до сега се стекнаа 50 е-трговци, за кој има над 120 активни апликации. Наскоро ќе биде организиран и студентски хакатон „Хакирај ја сивата економија“ во соработка со Економски факултет, Скопје и ФИНКИ. Во годишниот план се наоѓаат и традиционалните активности како организација на четвртата годишна конференција за е-трговија, изработката на годишната анализа на е-трговијата и други активности насочени кон градење на капацитети за стимлирање раст и зголемена конкурентност на МСП. Во планот за 2021 е и нова иницијатива т.н „Ecommerce Awards” за избор и наградување на најдобрите е-трговци за 2020.

Инаку, во 2020 година Асоцијацијата креираше бесплатна едукативна веб платформа www.ecommerce4all.mk која на едно место ги содржи сите неопходни информации за започнување и водење на еден бизнис со е-трговија. Покрај ова, директно помогна на 40 мали и средни претпријатија да отворат свој дополнителен продажен канал – онлајн продавница и да ги зголемат своите дигитални вештини кои се неопходни во работењето со е-трговија.

Advertisement