Готвач и Келнер за Работник: Платите надвор се дупло поголеми од тука, но и работниците се поценети и не им се натрупуваат работни задачи

Угостителските објекти во Македонија се „мачат“ за да дојдат до кадар во претстојната сезона, најмногу поради тоа што македонските работници во се поголем број заминуваат на сезонска и постојана работа во земји каде што им се нудат поголеми плати. 

Редакцијата на порталот Работник разговараше со еден готвач и келнер, за да ги дознаеме причините поради кои заминуваат од државата. Од разговорите, може да се заклучи дека број еден причина се платите, коишто како што вели еден од нашите соговорници, во Хрватска достигнуваат и до 1,200 евра.

Според Ристе, којшто е долгогодишен готвач, најголема причина поради којашто заминуваат готавачите е поголемиот износ на плата којашто ја земаат. Сепак, ова, како што вели не е единствената причина.

Надовор се поценети од колку што се тука, бидејќи таму знаеш за што работиш и знаат како да се однесуваат со тебе и те ценат. Кај нас, те ценат до некаде. Кога ќе покажеш „заби“ (барајќи поголема плата или подобри работни услови), веднаш од спротивната страна ти велат дека многу си имаш допуштено и ослободено, вели Ристе.

Тој додава дека во Македонија, готвачите работат многу повеќе, а помалку се платени согласно вишокот на работни задачи.

Работиш неколку работи во текот на работните задачи и плус некоја работна задача дополнително, за истата плата. За разлика од тука, во странство имаш конкретни задачи што треба да ги сработиш за платата којашто ја земаш. Таму треба да прашаш и дали можеш да работиш дополнително или пак тие, доколку има има потреба, те прашуваат тебе дали сакаш да работиш некоја дополнителна работа. Кај нас ти викаат дека мораш да помогаш. Ти ако си заглавил во твојата работа, сепак мораш да се префрлиш на друга, за да биде завршена таа работа, вели Ристе.

Ристе вели дека не се цени ниту искуството на готавачите, бидејќи и новите готвачи имаат ист износ на плати како и оние со искуство. Како уште една причина го нагласува неисполнувањето на ветувањето од страна на сопствениците за зголемување на платата, откако ќе се покажеш како добар и вреден работник. Вели дека на почетокот на работниот однос ветуваат зголемување, за да потоа речат дека не можат да дадат поголема плата, за да ти ја упатат онаа често користена фраза: „ако не ти се свиѓа, знаеш каде е вратата“.

Моменталната просечна плата, вели тој, на готвач во Македонија е околу 25,000 денари, што според него е мала сума во споредба онаа којашто ја даваат во другите земји.

За да останат во Македонија, според него, основната плата треба да им изнесува најмалку 30,000 денари.

Разговараваме и со келнер, којшто поради страв од репрекусии по неговиот професионален живот инсистираше да остане анонимен.

Негов став е дека најголема причина поради којашто заминуваат келнерите од Македонија се платите, потенцирајќи дека останатите услови за работа се речиси исти.

Рече дека долги години работи како келнер во хотелски корпорации во Македонија, па посочи пример дека пред неколку години на негов работодавач му велел да земат деца од средното угостителско училиште на обука, потенцирајќи му дека доколку не вложуваат напори во создавање на кадар, за кратко време ќе останат без работници.

„И тоа се случува. Се повеќе и повеќе остануваме без работници“.

Вели дека еден келнер во просек зема плата околу 24,000 денари, а на прашањето колку би требало да изнесува платата на келнерите за да не заминуваат од државата, тој вели дека не може да каже точно, оти платите надвор се дупло поголеми од тие кај нас. Наведе дека износот на платите зависи од повеќе параметри коишто ги засегаат работодавачите.

„Не можеме да речеме само дајте ни плата од 800 евра. Во предвид треба да се земат повеќе параметри“, вели тој.

Истакна дека на келнерите секако им одговараат поголеми плати, но дека не може да каже сума.

Посочи дека проблемот е многу стар и дека е сличн на болест којашто има метастазирано, па смета дека многу тешко дека ќе „се најде лек за истата“, бидејќи наместо да се лекува сега, требало да се спречи пред многу години, кога за тоа имало можност.

Според него, во најголем дел вината е кај сопствениците поради нивниот „има еден куп“ работници пристап.

Додаде дека стравува оти доаѓа време кога нема да има повеќе менија во кафеана, бидејќи нема да има кои да послужи.

 

Фото: Pixabay