Градежните работници треба да добијат бенефициран стаж – ќе ги мотивира да останат во земјата, смета Серафимовски
Градежните работници ги има се помалку во Македонија, а и работната сила којашто се‘ уште работи во земјава е веќе стара. Младите не сакаат да работат во овој сектор.
Ова го потврдува и Претседателот на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија, Андреа Серафимовски, во интервјуто за порталот „Работник“.
На прашањето каква е состојбата со стручната работна сила во градежниот сектор, Серафимовски вели дека постои дефицит од истата.
Тој ни објасни дека последните податоци за старосната структура на градежните работници, велат дека:
- Лицата на возраст од 50 до 64 години се застапени со 35,7 %, a
- Младите на возраст од 15 до 29 години се најмалку застапени како работници, со само 17,6 %.
Согледувајќи ги податоците, Серафимовски е дециден дека не би можело да се очекува подобрување на состојбата.
Ако овој тренд продолжи, а најавените капитални инвестиции се реализираат, може да се очекува за две – три години домашната квалификувана работна сила во голема мера да биде потисната од странските работници.
„Бројот на студенти на градежен факултет намален за 41 %“
Какви се вашите прогнози за 2022 во однос на кадарот во градежништвото? Дали очекувате да се продлабочи недостигот?
Очекувањата за жал се дека трендот поврзан со недостигот на кадар ќе продолжи и ќе се продлабочи, вели Серафимовски.
Тој додаде дека дефицитарни се и инженерите, а тоа особено загрижува.
Повикувајќи се на податоците за бројот на запишани студенти, вели дека во континуитет се намалува во последните години.
Така, во академската 2020/2021 споредено со академската 2014/2015 година, бројот на запишани студенти се намалил за 41 %, рече првиот човек на Здружението.
Компаниите, вели, вложуваат напори, но евидентно е дека сами не можат да се справат со недостигот на стручен кадар. Поради тоа, треба да се вклучат и надлежните институции и да помогнат да се изнајде решение – да се зголеми интересот за струката и стручните работници да останат во земјава.
„Бенефицираниот стаж ќе биде дополнителна мотивација градежните работници да останат во земјава“
Го прашав и за тоа кој е ставот на Здружението за градежништво за барањето на работниците за воведување на бенефициран стаж.
Серафимовски кратко одговори:
„Нашиот став е дека тоа е една од најзначајните мерки кои може да придонесат работниците да останат во државава“.
“Потребно е да се засили инспекцискиот надзор“
Според податоците на релевантните здруженија, во 2020 година имало 36 несреќи при работа во овој сектор.
Зошто според Вас градежниот сектор е меѓу првите на листата со најмногу несреќи при работа? Како да надмине оваа појава ?
Градежниот сектор е еден од најголемите и најзначајните сектори во државата. Тој е и еден од двигателите на домашната економија, рече и додаде:
Поради тоа не изненадуваат статистиките со оглед на големината на секторот и условите во кои егзистира.
Последната година, објасни тој, во сериозните градежни проекти финансирани од странски донатори се става сериозен акцент на заштитата на работниците.
Компаниите кои учествуваат во постапките за доделување на јавни набавки поврзани со овие проекти, ги земаат во предвид и критериумите за заштита при работа.
Подобрувањето на состојбите и сведувањето на несреќите на најниско можно ниво цениме дека може да се постигне преку почитувањето на законската регулатива. Потребен е инспекциски надзор и санкционирање таму каде што не се применува, со оглед дека се работи за човечки животи, вели Серафимовски.
Последното прашање за ова интервју беше за тоа како да се справиме со сивата економија во градежниот сектор, на што Серафимовски одговори:
Проблемот со сивата економија е во суштина основа на сите проблеми во градежништвото кои пречат на неговиот развој. Како што е нелојалната конкуренција.
Решението за справување со истата, го гледа повторно во улогата на инспекциските органи. Потребно е подигнување на нивниот капацитет и вршење на инспекциски надзор.
Праксата покажува дека честопати прописите се добри, меѓутоа недостига нивна доследна имплементација, заклучи Серафимовски.

