Македонија

Град Скопје и општина Карпош уредуваат нов парк на кејот од Вардар

Град Скопје и општина Карпош - Работник
116views

Градот Скопје во понеделник ќе распише конкурс за избор на идејно решение за уредување нов парк меѓу кејот на Вардар и булеварот Илинден, во Карпош 4. Станува збор за површина од 60.000 квадратни метри, односно простор 6 пати поголем од паркот „Ибни Пајко“. Овој простор сега е непристапен и небезбеден и на него има дива депонија која претставува жариште на диви огнови на отворено. Конкурсот ќе трае 2 месеца, а најдобрите идејни решенија ќе бидат наградени со награден фонд до 10.000 евра.

– Јавните градски претпријатија веќе почнаа да го отстрануваат шутот и отпадот од оваа депонија и да ја расчистуваат површината. На овој простор ќе бидат поставени содржини за спорт и рекреација, а ќе биде предвиден и простор за ботаничка градина, за што разговаравме со граѓаните во нашата предизборна кампања. Дополнително, планирана е изведба на сервисна улица и два моста. Една по една, неуредените јавни површини ги претвораме во паркови. Непристапните и небезбедните површини, кои се диви депонии и диви паркиралишта ги уредуваме и ги отвораме за сите граѓани. Подигнуваме нови зелени површини. На овој начин вложуваме во подобра животна околина, но и во подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, пак, нагласи дека со уредувањето на оваа површина Скопје добива нови „бели дробови“.

– На местото на децениските депонии, каде што се одлагале и остатоци од разурнатите објекти од скопскиот земјотрес во 1963 година, започнуваме со изведба на нов парк. На површина од 60.000 м2 ќе се добие ново, уредено зеленило со многу содржини за граѓаните. Сакам да истакнам дека во должина на овој потег, веќе интензивно се работи на Спортско – адреналинскиот парк, кај вештачката карпа, па со уредувањето и на овој дел градот ќе добие нов зелен појас и филтер на воздухот. Сигурен сум дека оваа локација ќе прерасне во една од поатрактивните спортско – рекреативни зони во нашиот град – нагласи Богоев.