КолумниНовости

Дали во западните земји функционерите си дозволуваат да даваат вакви изјави?

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

Неодамна Првиот Вицепремиер Артан Груби рече дека измените на Законот за работни односи нема да паднат на Уставен суд. Ја читам неговата изјава и се прашувам: „Како може еден човек кој е на висока функција да си дозволи да даде ваква изјава?“ Но после ми текна дека во Македонија стана „нормално“ функционери да се мешаат во работата на судско – обвинителските органи. Груби не е првиот што дава ваква изјава, а по се изгледа дека нема да биде ни последен.

Она што јас можев да го разберам како сокриена порака во неговата изјава е дека тој им порачува на синдикатите да не го оспоруваат Законот пред Уставниот суд, а уставните судии како да ги искара – да внимаваат што прават.

И после некој ќе рече дека извршната власт не се мешала во судската. Епа тогаш што е ова, ако не мешање? Јас поинаку не можам да ја толкувам таа изјава.

Од синдикатите пак на Груби му порачаа дека тој не е уставен судија и дека токму Уставниот суд е тој кој ќе каже дали измените се спорни или не се спорни. А сите експерти велат дека се спорни, вклучувајќи ги тука и меѓународните и европските организации на синдикати кои јасно и гласно го потврдија тоа.

Пендаровски важно го потпиша Указот, бранејќи се со ставот дека во законското решение никаде не пишувало оти ќе се работи 60 часа. Но изгледа не видел дека нема ни горна граница. А за да не парафразирам, еве го членот од законските измени со коишто се зголемува прекувремената работа:

                                                                                             Член 117-а

„(1) По исклучок на член 177 ставови (1), (2) и (7) од овој закон, за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно по претходно дадена согласност од страна на работникот.

Јас не сум правник, но сметам дека ваков каков што е поставен членот, е спорен токму зашто нема утврдено горна граница.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера