- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Недостатокот на стручен кадар поради ковид кризата се продлабочи – ќе бидат потребни преквалификации

Недостатокот на стручен кадар поради- Работник
309views

Околу 100 милиони работници во Европа ќе бидат принудени да бараат нови занимања, поради промените коишто ги предизвика пандемијата од вирусот Ковид – 19. Пандемијата ја забрза дигитализацијата и автоматизацијата и со тоа поттикна и пројавување на нови занимања, но и преобликување на некои од постечките, бидејќи многу компании кои имаа услови за тоа, се пренасочија кон работа од далечина (дома). За да се се приспособат на овие промени, многу европски држави започнаа со спроведување на обуки на луѓето коишто се во работен однос и преку нивно преквалификување се надеваат дека ќе се прилагодат на промените. Оние економии кои побрзо ќе ги апсорбираат промените, ќе имаат поголема конкурентна предност врз другите. Во Германија се планира да се воведе систем на целоживотни обуки, за да вработените ги унапредат своите вештини. 

Во Македонија, бизнис секторот надежта за стручен кадар ја гледа во промена на образованието, односно негово насочување кон креирање на работна сила која ќе ги исполни потребите на стопанството, со оглед на тоа дека сегашната состојба, не е на некое завидно ниво.

Дел од бизнис секторот смета дека со насочување на децата кон техничките занимања треба да се започне уште од основно образование, бидејќи само на тој начин може да се обезбеди кадар. Од друга страна пак, тука се и оние коишто се невработени, но не поседуваат соодветни квалификации за да ги исполнат барањата на огласите коишто ги нуди бизнис секторот. 

Неодамна беше презентиран новиот Оперативен план на мерки за вработување, во кој се предвидени и обуки за преквалификација на невработените лица, за да тие бидат вработливи, но и тука е парадоксот, бидејќи многумина невработени очекуваат големи плати за да се вработат. Бизнис секторот е дециден дека преку ноќ не може да се зголемат платите и дека за да се случи тоа потребна е да се зголеми продуктивноста. Воедно и економските експерти се на ставот дека малата продуктивност не им дозволува на платите да растат. 

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров во интервјуто за порталот Работник посочи дека продуктивноста кај нас се сфаќа многу штуро, како израз.

„Продуктивноста на трудот не значи само брзината со која работникот работи и за одреден час колку производи ќе произведе. Продуктивноста зависи од технологијата која работникот ја има на располагање, од структурата на стопанството, од видот на производите што ги произвоедува итн. Едно е да плетете крошни од врбови гранки, а друго е да пороизведувате високо развиена технологија која чини многу“, рече Димитров.

Тој посочи дека уште во времето на поренешна Југославија било потребно да се извезе еден шлепер со лубеници, за да се купи еден телевизор од Горење, потенцирајќи дека продуктивноста треба да се гледа низ призма на технологијата. Тој рече дека и на запад има анализи и научни трудови дека развојот на економијата и стандардот на работниците, не го донел Карл Маркс, туку развојот на технологијата. 

Тој нагласи дека се додека се произведуваат производи со ниска додадена вредност не може да се зголемат платите.

Од Стопанската комора на Северна Македонија за порталот Работник велат дека пандемијата поради коронавирусот го измести нормалното функционирање во сегменти во општеството, и дирекно влијаше врз продуктивноста на економијата и реализацијата на образовниот процес, а со тоа и на системот за формално стручно образование и обука и на системот за неформално образование за развој на стручни вештини и компетенции.

„Иако долго укажувавме дека има недостаток на стручен кадар, овој недостаток сега уште повеќе се продлабочи.  Според нашите анализи, стручен кадар е потребен во сите сектори на квалификации, но најмногу во секторот машинство и тоа за потреба на лица како оператори за машинско одржување и оператори на производна линија, машински техничари, оператори со ЦНЦ машини и бравари, во секторот електротехника потребата се јавува за електричари, монтери и електротехничари, во угостителство и туризам за келнери и готвачи, во прехранбената индустрија потребата е од хемиски техничари, месари и касапи. Сепак, најбарани се програмерите и компјутерските техничари. Затоа ќе мора многу од невработените лица да се преквалификуваат или да се дообучуваат согласно побарувањата на пазарот на труд“, велат од Стопанската комора на Северна Македонија. 

Потенцираа дека напредокот на техниката и технологијата доведе до автоматизација на работните места, но тоа наметна и нова потреба од доквалификација на кадарот кој ќе мора да знае да управува со автоматизираните машини и опрема.

Деспина Туманоска, економски експерт од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс Тинк“, за порталот Работник вели дека јазот помеѓу бараните и понудените вештини е главен проблем на македонскиот пазар на труд од секогаш, а не е последица на пандемијата.

Оттука, како што вели, потребна е доквалификација или преквалификација на работната сила што е активна на пазарот на труд, за да одговори на потребите на работодавачите. Од друга страна, смета дека дуалното образование и вклучување на работодавачите во креирање на образовните курикулими може да придонесат за лицата што се во образование и допрва треба да влезат на пазарот, да одговараат на бараните вештини. 

„Но, многу поважно е да се сконцентрираме кон зголемување на продуктивноста на трудот, со оглед што во земјава е најниска меѓу земјите на ЈИЕ, и за споредба, скоро 5 пати пониска од таа на Луксембург. Попродуктивно работење ќе придонесе кон пораст на платите и одржлив економски раст“, вели Туманоска.

Бобан Илијевски