ПравдаСветот на работникот

Рубрика за трудово право: Промена на работдавач

РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Промена на работодавач
Со оглед на тоа што работниот однос претставува доброволно, договорно, лично и непосредено континуирано вршење на работата на одредено работно место кај одреден работодавач сосема логично е во определен момент ако дојде до ситуација на промена на работодавачот, правата и обврските на страните да бидат определени со Закон.
Токму ова го определува членот 68 од Законот за работни односи кој предвидува во ситуација кога ќе настанат статусни измени, сите права, обврски и одговорности од договорот за вработување и работен однос на работниците преминуваат на новиот работодавач.
Новиот работодавач е должен да ги обезбеди сите тие права и обврски, најмалку за една година, односно до истекот на договорот за вработување, односно колективниот договор којшто го обврзувал претходниот работодавач.
ПРАВИЛНО е да се смета дека ако поради промена на работодавачот од објективни причини се влошат правата од договорот за вработување и работникот од таа причина се откаже од договорот за вработување, работникот има еднакви права, како да го откажал договорот за вработување поради деловни причини. Во ваков случај при одредувањето на отказниот рок и правото на отпремнина се зема предвид работниот стаж кај двајцата работодавачи.
ПОГРЕШНО е да се смета дека само новиот работодавач е одговорен за надомест на побарувањата кон работникот кои настанеле поради отказот на договорот за вработување. Напротив претходниот и новиот работодавач на работникот солидарно му се одговорни во обештетувањето за сите побарувања.
Ако пак работодавачот само времено ја пренесе врз основа на правна зделка (закуп, наем) целосната или дел од дејноста на друг работодавач, работниците по престанувањето на важноста на правната зделка преминуваат назад кон првиот работодавач или кон новиот работодавач – преземач на дејноста.
Проф. д-р Лазар Јовевски