Угостителите се жалат на недостиг на кадар
Мерките се олабавија, но угостителите се соочија со недостиг од работници. Нема келнери, готвачи, рецепционери. Над 50% од потребниот кадар недостига во угостителството и туризмот, двете гранки кои беа најпогодени од корона кризата.
Од синдикатите за угостителство и туризам предупредуваат дека состојбата е аларманта и вината ја посочуваат во газдите на компаниите.
„Сведоци сме како работодавците од овие сектори бараат работници и се жалат, па им порачуваме на тие газди сами да си работат или да им се извинат на работниците, да ги вратат и платат согласно работното место кое го работат со коефициентите за плата пропишани во Колективниот договор за угостителство и туризам, за да се спаси туристичката сезона.“ – изјави Синдикатот на угостителство и туризам.
Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифорвски пак вели дека вината не треба да се бара во работодавачите. Според него причина за дефицитот на кадар е тоа што работниците за летниот период одат да работат на туристичките места поради лошата програма за поддршка на угостителскиот сектор.
Угостителите речиси една година работеа со посебни рестрикции, со ограничено работно време, а некои периоди и воопшто не работеа. Неколку пати протестираа барајќи финансиска помош, но и олабавување на мерките. Според податоците на синтикатот за туризам и угостителство од почетокот на корона кризата од четири илјади до 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор.
Извор: ТВ24

