Колумни

Дали е пропуст тоа што во Комисијата за заразни болести нема експерт за заштита при работа

Дали е пропуст тоа што во Комисијата - Работник
289views

Највисокиот акт на државата – Уставот на Р. Македонија, како и Законот за Безбедност и здравје при работа укажуваат на тоа дека на работникот, работодавачот мора да му обезбеди работно место. Како? Преку проценка на ризикот на самото работно место. Со помош на оваа проценка, работникот ќе биде запознаен со можните ризици со кои ќе се соочи на своето работно место, па на тој начин ќе може поефективно да ги избегне. Но, иако секој работодавач е обврзан да направи проценка на ризикот на работното место, односно да ангажира стручно лице за безбедност и здравје при работа за да ја спроведе оваа проценка, мал број на работодавачи го имплементираат ова, законски – обврзувачко правило.

Со појавувањето на Ковид – 19, добро знаеме дека едни од најпогодените категории на граѓани беа работниците. Имаше голем број на заразени во штипските текстилни фабрики, а најголеми виновници за тоа беа самите газди поради тоа што не направија проценка на ризикот од можна зараза на работните места. Бевме сведоци дека автобусите коишто ги превезуваа работниците до работа беа полни, иако со Уредба беше пропишано помал број на работници да се возат со јавен превоз. Она што мене лично ме шокираше беше документарецот на порталот „Види Вака“, во кој текстилни работници сведочеа за тоа дека работеле толку блиску едни до други, што можеле да го почувствуваат здивот на работникот кој работи од спроти. Овие изјави јасно покажуваат дека одредени газди на текстилни фабрики не направиле никаква проценка на ризик на работното место.

Македонското Здружение за заштита при работа – МЗЗПР уште од почетокот на појавувањето на пандемијата од коронавирусот апелираше на тоа да се прават проценки на ризик, но и бараше да биде вклучено во процедурата за да може да помогне во справувањето со пандемијата. Сепак, никој не ја зема нивната подадена рака. Она што мене лично ме интересира во голема мера, е зошто во Комисијата за заразни болести нема експерти за заштита при работа? На ова прашање ќе мора Министерството за здравство да даде одговор. Јас нема да дозволам како некои одредени „фејсбук епидемиолози“ да давам „стручни коментари“, бидејќи тоа не ми го дозволуваат ниту етиката, ниту пак моралот. Само можам да кажам дека логично е експерти за заштита при работа да бидат вклучени во вакви комисии. 

МЗЗПР заедно со доктори од медицина на трудот започнаа активно да се бават со едукација за процената на ризик на работните места од потенцијално заразување со Ковид – 19, преку организирање на работилници. На една од нив, беше претставена и нивната нова методологија, наречена „Ковид возраст“.

За да објаснам што е „Ковид возраст“ ќе треба да преземам еден цитат од Претседателот на МЗЗПР, м-р Милан Петковски.

Тој во изјава за порталот Работник рече дека генерално идејата била врз основа на она што го нуди законот за безбедност и здравје при работа, односно она што го побарува, а тоа е да се оцени ризикот на секое работно место.

„Ние го надополнуваме со новата штетност, а тоа е биолошкиот аспект на САРС – КоВ -2. Законот за безбедност и здравје при работа вели дека секогаш кога имаме друга штетност дека мора да се ажурира проценката на ризик врз основа на која ја правиме изјавата за безбедност и здравје при работа“, вели Петковски. 

 Објаснувајќи го новиот методолошки пристап наречен „Ковид Возраст“ тој за порталот Работник рече:

„Ковид возраста е методолошки пристап кон оценување на, покрај работното место, и на индивидуата, поточно на здравствената состојба на конкретниот извршител на работните задачи. На пример, тоа би значело дека доколку двајца извршители кои работат како шалтерски службенции, не значи дека двајца идентично имаат иста Ковид возраст, иако се двајцата на своите 40 години, заради коморбидитетите, односно претходните одредени заболувања, возможно е да едниот од нив има да има Ковид возраст 40 години, колку и што му е возраста, а другиот, поради претходните болести, како гојазноста, кардиоваскуларните заболувања итн., може да има дури 85 години Ковид возраст“.

Тој во интервју за телевизија Сител посочи дека најголем ризик од зараза имаат оние работници коишто имаат најголем контакт со преносители на вирусот Ковид – 19, па според тоа вработените во секторите каде има поголем контакт помеѓу истите, имаат поголема шанса да се заразат.

За да објаснам попластично ќе тргнам од себеси. Јас сум од Гостивар, а моето работното место е во Скопје. До пред пандемијата постојано патував до моето работно место, но со самото појавување на истата, мојот работодавач направи проценка дека најдобро е да работам од дома. Зошто? Бидејќи во автобусот има 50 можни преносители на коронавирусот и во истиот се возам еден час и петнаесет минути во еден правец, време кое е повеќе од доволно за да може вирусот да навлезе во мојот организам. Затоа јас веќе седум месеци работам од дома и не сум заразен од вирусот. Како што мојот работодавач постапи со проценувањето на ризикот, така треба да постапуваат и сите други работодавачи и со тоа сигурно ќе се намали можноста работниците да се заразат од Ковид –19.

На работниците би сакал да им порачам дека треба да се чуваат и да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19 коишто ги препорача Владата. Чувајте се и останете во добро здравје, бидејќи тоа е единственото нешто коешто вреди најмногу во овој суров свет.   

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски