ДАЛИ СО НОВАТА ПРОСЕЧНА ПЛАТА ПРЕТРКАВМЕ НЕКОЈА ЗЕМЈА ОД ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА?!

Државниот завод за статистика објави дека во март просечната плата во државата изнесувала 31.080 денари. Јасно е дека порастот од 1.241 денари во однос на февруарскиот национален просек од  29.839 денари се должи на растот на минималната плата. Во март, минималната плата се зголеми од 15.194 денари на 18.000 денари. Минимална плата во државава примаат 80.000 вработени, но зголемување на платите им следеше и на сите оние други вработени кои имаа повисока плата од тие 15.194 денари, но пониска од 18.000 денари.

Порталот „Пари“ направи анализа, дали со просечна плата од 500 евра ги стигнавме, или можеби престигнавме земјите од поранешна Југославија, со оглед на фактот што изминативе децении бевме на дното од рангирањата.

Пребарувањето по официјалните податоци на државните статистики не доведе до сознанието дека платите во Македонија и понатаму се на дното на табелета.

Просечни нето – плати во земјите од поранешна Југославија

(во евра)

ДРЖАВА ПРОСЕЧНА ПЛАТА
Македонија 505
Србија 600
Црна Гора 704
Хрватска 1.010
Словенија 1.240
Босна и Херцеговина 558
Косово 416

Во табелата се земени податоци за фервруари, или за март, затоа што сите држави се уште ги немаат објавено мартовските податоци. За март имаат објавено Македонија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. На страниците на државните агенции за статистика за Словенија и Србија последни податоци се за март, а на Косово има просечна плата за 2020 годинаИзвор: Државните институции за статистикз на одделни земји

СТАРО ПОЗИЦИОНИРАЊЕ НА РАНГ ЛИСТАТА

Како што може да се види од официјалните статистички податоци, Македонија има поголема плата само од Косово, но за оваа земја податоците се „бајати“.Во однос на сите други земји, просечната плата во државава е се уште пониска. Хрватска и Словенија, како членки на ЕУ се многу далеку од нас. Хрватска има точно два пати поголема просечна-нето плата од нашата, а Словенија дури и повеќе.

Македонија остана со пониска плата и од Босна и Херцегоцвина, и покрај тоа што во оваа земја имаше сурова 4-годишна војна.

Така, според податоците, значителниот пораст на просечната плата не го промени досегашното наше рангирање во однос на другите земји.

КОИ ЗЕМЈИ ИМААТ НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ПЛАТИТЕ?

Порталот „Пари“ ги спореди и податоците од земјите од поранешна Југославија во однос на тоа кој колку ги зголемил платите во изминатава година, во номинален износ, но и во реален со вклучена инфлација. Податоците покажуваат дека најголемиот раст, и покрај, огромниот раст на минималната плата, не е во Македонија. Номиналано, за една година најмногу се зголемил просекот на платите во Црна Гора – дури 33,8%. Во ова земја имаше и драстичен скок на минималната плата и таа таму сега е 450 евра. Но, земјата се соочува и со најголема инфлација во регионов, па затоа пресметките на нејзините статистичари покажале реален раст на просечната плата од само 3,6 проценти кога се споредува март годинава со ласнкиот март.  Поголема корекција на националниот просек, за една година евидентирала и Србија со раст од 13,4 проценти за разлика од нашите 10,1 процент.

Интересен е фактот што додека посиромашните земји ги натерала економската криза од пандемијата и руско-украинската војна да направат позначителни корекции за заштита на стандардот, просечната плата во Хрватска за една година се зголемила за 6,6 проценти, а во Словенија дури има номинале пад на платата од 1,1 процент.

Годишен раст на просечните плати

ДРЖАВА НОМИНАЛЕН ГОДИШЕН РАСТ РЕАЛЕН ГОДИШЕН РАСТ
Македонија 10,1% 1,2%
Србија 13,4% 4,2%
Црна Гора 33,8 % 3,6%
Хрватска 6,6% – 0,7%
Словенија -1,1% /
Босна и Херцеговина 9% /
Косово / /

Разгледувањето на податоцитите од државните институции од земјите од регионов покажува дека речиси сите земји имаат поединечни податоци за просечни плати во приватниот и во јавниот сектор. Државниот завод за статистика на РСМ не нуди податоци за тоа колкава е просечната плата во приватниот сектор, а колкава е во јавниот сектор.