КолумниНовости

Дали тие 5,000 работници што ќе ги увеземе, ќе ги увезе друга земја (Хрватска) од нас?

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Дојде време угостителите да понудат увоз на работна сила. Во конкретниот случај, на 5,000 работници од Турција кои би работеле како келнери, готвачи, собарки, рецепционери итн. Интересно е што за ова пишував неколку пати претходно, а и правев теми токму за оваа проблематика. Во моите претходни колумни велев дека ќе дојде моментот кога и ние како Србија, ќе бараме работна сила од странство и еве, моето „пророштво“ стана вистина. Немојте да мислите дека се радувам што е така, токму напротив, криво ми е што не успеавме да ги задржиме нашите работници во Македонија. Дозволивме да си заминат од државата, бидејќи не сакавме да им ги зголемиме платите и да се приспособиме на новите светски трендови.

Она што можеби не го знаат овие коишто планираат да донесат 5,000 работници од Турција е тоа дека истите за кратко време ќе заминат или во Хрватска или во други држави, каде што се нудат поголеми плати. Ова е барем мое мислење, а со оглед на тоа дека честопати излегло дека сум во право, има големи шанси тоа да се случи.

Се согласувам со тоа да има недостиг од 20,000 работници во угостителско – туристичкиот сектор, но дали увозот на работна сила, земајќи ги платите коишто се исплаќаат во овој сектор, е решението? Јас мислам дека делумно е, но во поголем дел и не е. А и да бидеме реални, тие коишто ќе дојдат да работат од Турција кај нас, нема да земаат иста плата како и нашите работници, со оглед на тоа дека претпоставувам оти ќе им биде платено сместување и храна, што значи дека ќе имаат поголеми примања, ако ги вклучиме и трошоците за овие две работи. Сепак, останува да видиме како ќе се одвиваат работите и дали ќе им успее оваа иницијатива.

Да ги зголемија платите и подобрија работните услови за нашите угостителски работници пред неколку години, немаше да има толку голем недостиг на работна сила, но тие тогаш размислуваа и им велеа на работниците дека има работна сила и дека ако не им се работи слободно можат да излезат од работа, бидејќи има кој да ги замени. И ете, бидна што бидна. Сега ќе се потпираме на увезена работна сила, за која не знаеме дали ќе остане да работи за платите коишто се нудат во Македонија или пак, нашата држава ќе им биде само стартна точка за да стигнат до туристичките дестинации каде што би земале  поголеми плати.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси