Работниците се веќе оние коишто избираат каде ќе работат – Од нив зависи дали компаниите ќе работат или затворат
Автор: Бобан Илијевски
Просечната плата надмина 500 евра, но колку истата е реална е прашање на кое граѓаните или работниците можат да дадат најсоодветен одговор. Експертите велат дека просечната плата расте поради политичкото зголемување на минималната плата и отпуштањето на голем број на работници од работните места.
Навистина убаво изгледа сумата, но за жал мал е бројот на оние коишто се приматели на истата. Повторно ќе кажам, самите работници можат најдобро да се произнесат. Нема потреба политичарите да излегуваат и да се фалат дека просечната плата надминала 500 евра и премиерот да вели дека никој не верувал оти просечната плата ќе го достигне овој износ. И во 2020 и 2021 година имаше зголемување на просечната плата, тогаш како последица на големиот број на откази, така што, веќе знаеме како се зголемува истата.
Неминовно е тука да ја споменам и целата ситуација којашто се случува на пазарот на труд во Македонија. Се повеќе работодавачи, најголем дел од угостителско – туристичкиот сектор кој беше најпогоден од пандемијата со Ковид -19, се соочуваат со огромен недостиг на работници. Вискоквалификувана работна сила веќе и да нема, а и средно – квалификуваната и неквалификуваната работна сила се одлева од државата. Да бидеме реални, насекаде низ светот се случува т.н. „стеснување“ на пазарот на трудот. Овој, да го наречам, процес е во полза на работниците и го менува целосно соодносот работник – работодавач. Тоа значи дека ако до пред пандемијата беа работодавачите оние коишто бираа работници, сега од работниците ќе зависи дали одредена компанија ќе работи или ќе биде принудена да затвори.
Овој процес ќе продолжи и во иднина, а ќе се насочи и во поинаков тек. Имено, мое предвидување е дека оние професии коишто се најниско платени ќе се соочат со голем проблем околу наоѓање на работна сила, додека работниците, особено младите, ќе се насочуваат, обучуваат и ќе стенуваат вештини за да работат во новите професии коишто се отвораат благодарение на развојот на виртуелниот свет и вештачката интелегенција. Дури, мислам, ќе се дојде до тој степен да нема потреба работниците да се преселуваат во друга држава, туку ќе можат да ја работат својата работа од дома, што и впрочем веќе е пракса, која верувам дека ќе земе уште поголем залет.
Сепак, можеби ќе почекаме уште малку време додека да се случи целосно оваа трансформација. Во меѓувреме, нископлатените дејности ќе бидат приндудени да бараат од државата да ги олесни законските процедури за увезување на работна сила од држави од третиот свет, за да може колку – толку да имаат работници, иако и тоа е дискутабилно со оглед на фактот што Хрватска, Србија и други држави во регионот веќе го прават тоа, но даваат поголеми плати од македонските работодавачи, што значи дека нашите ќе немаат друго решение, освен да дадат поголеми плати од Хрватите и Србите за да привлечат работна сила од надвор.
Ова накратко е мојата анализа за тоа што би можело да се случува. Можеби за некого ова е очигледно, но сепак мислам дека треба јавно да се обзнани и потенцира.
Како за крај, би сакал да кажам дека одливот на работниците во поплатените сектори во Македонија, како и вон Македонија ќе продолжи и понатаму и мислам дека тешко ќе може да се спречи. Се разбира, не е ништо завршено – работодавачите ќе мораат, односно ќе бидат принудени да тактизираат околу тоа што да преземат за да ги привлечат работниците.

