Да ги задржиме оние кои ни останаа!
Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е миграцијата. Податаците велат дека 12,000 македонски граѓани годишно се иселуваат од државата во потрага за подобар живот. Најголем дел од нив се млади лица, кои и тоа како можат многу да придонесат во развојот и унапредувањето на нашето општество.
Во склоп на миграцијата може да се додаде и уште еден сегмент – големиот одлив на работници поради сезонска работа. Последните податоци на Министерството за внатрешни работи на Хрватска покажуваат дека на 10,000 македонски граѓани им биле издадени дозволи за престој и работа или продолжени постоечките заклучно со јули оваа година. Верувам дека до крајот на годината, оваа бројка ќе биде уште поголема.
Зошто сезонските работници ги сместувам во сегментот миграција?
Бидејќи голем дел од сезонските работници решаваат да останат во земјите каде што работат. Познавам еден човек кој започна како сезонски работник во Хрватска, а сега живее и работи таму постојано.
Ова воопшто не е добро за државата од очигледна причина што недостигот на работна сила значи и намалување на економската моќ на државата. Приватниот сектор е двигател на една економија, па доколку истиот е со намален капацитет, државата ќе остварува помали приходи, а тоа значи и ризик од последици врз платите на вработените во јавниот сектор.
Токму поради големиот проблем со миграцијата, актуелната Влада мора да изнајде начин да го намали бројот на луѓе кои мигрираат преку целосна реформа на системот. Не можеме веќе да зборуваме за тоа дека ниските плати се единствената причина за иселувањето. Има многу примери на луѓе со високи плати кои заминуваат поради лошиот систем. Од една страна треба да се работи на раст на платите, а од друга да се намалат криминалот, корупцијата и да се справиме со нефункционалноста на институциите. Само така ќе успееме да ги задржиме оние кои веќе не заминале.
Фото: EPA