ДВ: Економските предизборни ветувања како мамка за гласачите
Плата над 1.000 евра, по 100 евра како „новогодишно пакетче“ за пензионерите, 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години, ниска инфлација од 2.5% и ниска невработеност од 7.5%, раст на економијата до 5% годишно и капитални инвестиции од 3 милијарди евра. Ова се само дел од предизборните ветувања на партиите, кои стандардно во своите изборни програми и ветувања се фокусираат и на економијата. Иако дел од ветувањата се „лепливи за уши“ за гласачите, економските експерти ги повикуваат партиите добро да им ги образложат своите планови на граѓаните, а проектите кои ги нудат да имаат подолгорочен и одржлив ефект од само еден пратенички мандат.
Колку се реални изборните ветувања?
Првиот столб од програмата на СДСМ е европски плати и животен стандард, во кој е предвидена просечна плата од 1.100 евра и минималната плата од 600 евра или 37.000 денари. Во 2028 година, според програмата, СДСМ ветува минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. „Плус, од оваа година, па секоја наредна ќе има новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата“, рече партискиот лидер, Димитар Ковачевски.
Владејачката партија деновиве при презентирањето на изборната програма потенцираше дека во нејзиниот фокус е унапредувањето на животниот стандард на сите граѓаните и пред се поддршката за младите. „Новата влада на СДСМ ќе обезбеди по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. Од особено значење за младите е европската иднина на државата. Младите сакаат да живеат во европска Македонија, со европски стандард, европски вредности и начин на живот“, порачаа од СДСМ.
Вицепремиерот за економски прашања,Фатмир Битиќи, пак најави седум часа работно време дневно во одредени сектори. Со тоа од 40 часа, работна недела ќе се намали на 35 часа во одредени сектори, а платата на работиниците не смее да се крати.
Економијата е дел и од изборните ветувања на партијата на Али Ахмети. ДУИ нуди сеопфатна економска програма која по изборите ќе биде еден вид на „рамковен договор“ меѓу сите политички партии.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку „Платформата 1198“ се обврза на економска трансформација на Македонија, ниска инфлација од 2.5%, ниска невработеност од 7.5%, раст на економијата до 5% годишно и капитални инвестиции од 3 милијарди евра. „ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на раст на БДП од 5%. Тоа ќе се спроведе преку задржување на ниски даноци и даночни поволности за фирмите и граѓаните, преку поддршка на земјоделството, извозот, малите микро и средните претпријатија, производствените капацитети, но и стартап компаниите. Ќе донесеме 10 годишна стратегија за привлекување на странски директни инвестиции“, порачаа деновиве од партијата.
Големи ветувања – големи разочарувања
„Големите ветувања носат големи разочарувања. Но, и намалената доверба кај граѓаните некогаш придонесува дел од мерките, кои што имаат шанса да успеат, всушност да не ја добијат потребната поддршка“, вели професорот Борче Треновски за ДВ. Анализирајќи ги изборните ветувања на партиите, тој вели дека уште пред да почне официјално кампањата, партиите веќе изнесоа голем дел од своите економски ветувања.
Но, тој укажува дека партиите мора да размислуваат подолгорочно и доколку имаат стратешки одделенија, треба да се посветат на мерки коишто ќе траат подолго од еден мандат од 4 години. „Треба да се има предвид дека дел од мерките кои се предлагаат прво не можат да се остварат во исклучително краток рок на пример од еден мандат, а второ може да имаат само краткорочни позитивни ефекти. Некои од нив на долг рок може да вродат со негативни ефекти“, вели нашиот соговорник.
Дел од ветувањата се особено привлечни за гласачите (европски плати, зголемување на пензиите, помош за младите), но според експертите треба да се земе предвид економскиот раст на државата, платата, инфлацијата и другите текови.
„Мали економии како нашата зависат од глобалните движења во значаен дел и полиитчките партии некои работи не можат целосно да ги гарантираат или контролираат. И треба да им се воочи тоа на граѓаните. Втора работа е што при имплементацијата на дел од мерките често се доаѓа од препреки – недостиг на финансиски и човечки ресурси, немање на правна легислатива, немање политичка волја за поголеми резови“, вели професорот Треновски.
Стари ветувања – нова надеж
Експертите анализираат дека и на овие избори има повторување на дел од старите политички ветувања. „Треба да се види зошто овие ветувања во минатото не биле исполнети. За да може да се повтори или да се презентира слична мерка, мора да се образложи зошто тоа досега не се остварило и кои се пречки за тоа. Но, има уште нешто што е важно – а тоа се однесува на обезбедувањето на финансиски средства“, вели Треневски и додава:
„Тоа е и најинтересниот дел, бидејќи најпривлечни политички ветувања се оние кога велите дека ќе ги обезбедите сите јавни добра, сите услуги, бесплатно школување, а ќе побарате најмали даноци од граѓаните. И тогаш сите ја сакаат таа политичка програма. Но, економски тоа е невозможно. Некој мора да го плати тоа – данокот мора да се собере“, вели професорот..
Според него, економската приказна мора да се заокружи со тоа што партиите ќе образлоѓат од каде ќе се обезбедат пари за да се покријат големите ветувања. Само на тој начин, вели нашиот соговорник, ќе се врати и ќе се зголеми довербата на граѓаните во политичките елити и во нивните ветувања за развој на државата.
Извор: Дојче веле