МакедонијаПравдаСветот на работникот

Демант на „МЕТА.мк“ на тврдењата на Југослава Дуковска

Демант - Работник
120views

На ден 12.08.2020 година на вашиот вебсајт www.rabotnik.com.mk е објавен текст со наслов „Зошто „Мета“ ја прекина соработката со новинарката Дуковска?“ во кој се наведени повеќе невистинити тврдења кои можат да се окарактеризираат како клевети.

Почитуваната г-ѓа Дуковска никогаш не била вработена во Мета.мк и не е отпуштена. Таа беше хонорарно ангажирана со договор на дело кој имаше ограничена должина и заврши. Впрочем, секоја новинска организација има право без надворешни влијанија и независно да го одбере тимот на новинари со кој ќе соработува. Посебно затоа што сме во процес на интерна реорганизација за прилагодување на новонастанатите услови поради пандемијата и недостаток на ресурси. Мешањето во ваквите процеси од надворешни страни го сметаме за директен притисок врз слободата на медиумот.

Меѓу другото во спорниот текст се наведува:

„Истовремено, започнале да и се јавуваат одамна заборавени „пријатели“ од политичката партија ДУИ, кои ја прашувале што има толку против партијата. Вели дека во животната средина се преплетуваат многу бизнис интереси на близок до ДУИ. Таа наведе дека станува збор за дивоградбите на Матка, охридското крајбрежје и мали хидроцентрали, особено на Шар планина. За сите овие теми, вели Дуковска, немала зелено светло од страна на главниот уредник.“

Во интерес на правилно информирање на јавноста, и против наведените злонамерни и клеветнички инсинуации кои претставуваат и своевиден притисок врз слободата на говор на медиумот Мета.мк и останатите новинари кои се таму вработени ве информираме дека:

  • Ниту на г-ѓа Дуковска како надворешен соработник, ниту на кој било друг новинар соработник на Мета.мк никогаш не им е одбиен текст или необјавен текст на темите: „дивоградбите на Матка, охридското крајбрежје и мали хидроцентрали, особено на Шар планина“.
  • Ниту на г-ѓа Дуковска како надворешен соработник, ниту на кој било друг новинар соработник на Мета.мк никогаш не им е одбиен текст или необјавен текст чија содржина е на каков било начин поврзана со која било политичка партија.

Во текстот со наслов „Зошто „Мета“ ја прекина соработката со новинарката Дуковска?“ објавен на ден 12.08.2020 година, исто така, се наведува:

‘„Прекинот на соработката се случи само неколку дена откако тие самите ми најавија дека со мој текст сакаат да учествуваат на меѓународен конкурс на за истражувачко новинарство“, истакна Дуковска.’

Во интерес на правилно информирање на јавноста сакаме да ви посочиме дека ваквото тврдење не е точно. На г-ѓата Дуковска ѝ беше посочено дека ако посакува може таа лично да конкурира и таа лично да учествува на конкурс за награда со текст објавен на веб-страницата www.meta.mk. Евентуално добиената награда во секој случај би била на име на г-ѓа Дуковска.

Со објавувањето на ваквите невистинити тврдења се нанесува голема штета на угледот на новинската агенција Мета и на сите новинари кои таму работат. Воедно посочуваме дека тоа што договорот на надворешната хонорарна соработничка, г-ѓа Дуковска, не е продолжен, во никој случај не значи дека медиумот не продолжува етички и професионално да објавува текстови за клучните еколошки теми во земјата.

Оттука, бараме согласно член 14 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, во целост да го објавите овој демант на текстот со наслов „Зошто „Мета“ ја прекина соработката со новинарката Дуковска?“ објавен на 12.08.2020 година. Бараме демантот да се објави на истото место и на ист начин како што е објавен текстот со наведените клевети.