Дневници од 25 до 30 евра: Постои огромен недостиг на берачи
На плантажите на црногорската државна компанија Агрокомбинат „13 јули“ која е една од најголемите и најзначајните производители на грозје и вино во Југоисточна Европа, моментално работат 348 сезонски работници, пишува порталот Адриа.
„Ангажирани се 199 сезонски работници од Црна Гора кои ни се отстапени со посредство на агенцијата ‘Nice job’, како и 149 странци кои доаѓаат од земјите од регионот“, прецизираат од компанијата.
Најголемиот број од работниците, велат, се од Македонија, Србија и БиХ.
Моментално, како што велат, во виноградско – овошатарското производство се извршува берба на праски која отприлика ќе трае до почетокот на август, зависно од временските прилики.
Најавуваат и берба на трпезно грозје.
„Бербата на трпезното грозје се планира да се започне помеѓу 10.07 и 15.07 и ќе трае до крајот на август, кога започнува бербата на винско грозје и би требало да се заврши до крајот на септември“, велат од Плантажи.
И оваа година се соочуваат со дефицит на работна сила.
„Дефицитот на работна сила постои во Виноградите, се работи за неквалификувани работници кои во последните години тешко се наоѓаат“, рекле од компанијата.
Просечната дневница за берачите на праски изнесува помеѓу 25 и 30 евра, со тоа што поискусните берачи можат да заработат и повеќе, зависно од брзината и искуството.
Извор: Adria.tv