НовостиСветот на работникот

ДОАЃА ВРЕМЕ КОГА ЛУЃЕТО ЌЕ МЕНУВААТ ПО 5-6 ПРОФЕСИИ – ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА И ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА НАЛОЖУВААТ СТЕКНУВАЊЕ НОВИ ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ

   Време за читање 2 минути

Во денешната ера на дигитализација и вештачка интелигенција, од голема важност е, се разбира доколку сакате поголеми плати или воопшто да се вработите, да се преквалификувате.

Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера, којашто долги години ги советува луѓето која кариера да ја одберат и што да направат за да стигнат до неа, вели дека отвореноста за преквалификација не само што е важна, туку станува и неопходна за градење на успешна кариера.

Да појаснам зошто. Со брзите промени на технологијата и економијата, преквалификацијата станува сѐ поважна карактеристика, особено за луѓето кои се невработени. Евидентно е дека многу работни позиции и индустрии се менуваат поради автоматизацијата, дигитализацијата и новите технологии, а тоа налага постојано прилагодување, дообука, или едноставно, доживотно учење и адаптација во согласност со новите трендови и потребите за пазарот на труд.

Таа ги советува сите коишто се невработени да бидат отворени кон преквалификација, бидејќи таа значи вработување и економска стабилност.

Акцентот го стави и на тоа дека преквалификацијата е неопходна најмногу поради индустриската револуција 5.0, во која моментално живееме, и развојот на вештачката интелигенција, која зема се поголем замав.

Стекнувањето на нови компетенции им овозможува на луѓето да се адаптираат на промените и да ја подобрат својата конкурентност на пазарот на труд, да бидат во тек со новите трендови, потреби и вештини кои им се потребни на различните бизниси, истакна Златановска – Попова.

Според неа, преквалификацијата истовремено поттикнува личен и професионален развој, што е од голема важност во денешната динамична економија. Со нас сподели податок дека одредени експерти тврдат оти доаѓа време кога ќе биде целосно нормално луѓето да менуваат 5-6 професии во рамките на нивниот живот.

Тоа ќе значи дека луѓето ќе започнуваат од почеток да учат нови вештини, да се запишуваат на нови факултети или курсеви. Сето тоа поради пројавување на нови интереси, прегореност, презаситеност, како и постојаната потрага по живот со смисла, обезбедување на поквалитетен живот и рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.

Компаниите во Македонија се соочуваат со хроничен недостиг на кадар. Процените се дека недостигаат околу 10,000 квалификувани работници.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *