НовостиПравдаСветот на работникот

Добиле откази откако одбиле да ги потпишат отказните решенија – САГАТА НА 23-ЈЦАТА ВРАБОТЕНИ ВО ЕЛЕМ ТУРС

   Време за читање 5 минути

Ги натерале да потпишат отказни решенија од ЕЛЕМ Турс, а тие тоа не го прифатиле, па од декември минатата година се без работа. Ова за порталот Работник го рече Макс (вистинското име и презиме ѝ се познати на редакцијата). Тој е еден од дваесет и тројцата работници кои биле избркани од ќерката компанија на АД „ЕСМ“.

Имено, на 5 октомври минатата година, група на вработени од овој хотел протестираа против одлуката да бидат вработени  во ски центарот на Попова Шапка, по што нивниот работен однос од неопределено би се трансформирал во определено време.

Излеговме да протестираме денеска бидејќи нашата компанија Елем Турс одлучи да се затвори и да формира нова компанија. Раководителот на фирмата побара да поднесеме оставка од трајните решенија и да ни биде даден договор на три месеци. Не се согласуваме со оваа одлука бидејќи сметаме дека е неправедна и голем број работници со над 25 години остануваат на улица, а јас имам колеги кои имаат повеќе од четириесет години искуство. Продолжуваме со протести додека не дојдеме до нашиот став, рече тогаш еден од вработените за ТВ 21.

Протест Попова Шапка
Протест на вработените во АД ЕЛЕМ Турс

После протестот, односно во декември месец се случува отпуштањето на работниците поради тоа што, како што вели нашиот соговорник, не дошле на работа три дена. За ова имаме и доказ, односно Одлуката потпишана од страна на Управителот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу.  Макс вели дека самите вработени воделе евиденција за присуство на работно место, но таа не била прифатена од компанијата, и дека истата му е дадена на адвокатот.

До управителот Авзиу и до ЕЛЕМ Турс биле поднесувани тужби

Нашиот соговорник вели дека тој има поднесено неколку тужби до управителот поради неисплатени дневници, неисплатен К-15, неисплатени јубилејни награди, како и за работа во недела. Како што вели, наместо да им даде по една и пол дневница за работа во недела, тој им давал само 400 денари. Тужби до компанијата имаат поднесено и други вработени. Според Макс, тие се причината поради која вработените добиле отказ.

Адвокатот на поранешните вработени потврди дека има тужби до компанијата. Неговото правно мислење е дека вработените се во право и во однос на наводите за отказите.

Префрлање на надлежности

Според Макс, управителот Авзиу одбивал да им дава работни задачи велејќи им дека за нив е надлежна ЕСМ и дека треба да се обратат таму. Од ЕСМ пак до каде што испратиле неколку писма, се оградиле од нив со тоа што им рекле дека треба да се обратат кај директорот, односно управителот на ЕЛЕМ Турс.

Макс ни раскажа дека Авзиу прво им дал да потпишат отказни решенија, велејќи им дека ќе можат да аплицираат во новата компанија и ќе можат да бидат вработени на определено време, но тие не прифатиле, по што им дал одлуки за престанок на работните односи поради недоаѓање на работа три дена. Во самата одлука се наведени повеќе денови, односно се вметаните оние денови за кои самите вработени воделе евиденција.

Порталот Работник испрати прашања преку меил до АД ЕСМ, но до објавувањето на текстот, не добивме одговор.

Меил до ЕСМ

На 5 октомври, за време на протестот, управителот Авзиу, меѓу другото, го рекол следното:

Стратешкиот инвеститор да добие една чиста фирма за Попова Шапка која нема биде поврзана со други подружници, да нема долгови, да нема проблеми. За да може да се склучи договор со стратешкиот инвеститор. Одлуката на Управен одбор на АД ЕСМ е новото друштво да отвори оглас на определено време до крај на година. Пред Нова година ќе има друг оглас. Дел од вработените аплицираа, дел од нив не аплицираа затоа што не веруваат. АД ЕСМ ќе води постапка за ликвидација на ЕЛЕМ Турс. На сите им било објаснето од моја страна и од директорката на правен и човечки ресурс на АД ЕСМ. Тие работни места се празни и ние може да го реобјавиме и имаат право да се пријават.

Инаку, од раководството на АД ЕЛЕМ Турс – подружница Попова Шапка, рекле дека тие како фирма ќерка на АД ЕСМ добиле одлука од Управниот одбор дека треба да се формира нова фирма насловена Ски – Центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово.

Макс вели дека за него и неговите колеги е спорно тоа што во новата компанија би биле вработени на определено време, поради што од ЕЛЕМ Турс побарале да бидат префрлени со истите решенија на неопределено време, но ниту ќерката компанија, ниту АД ЕСМ не го исполниле нивното барање.  Некои од работниците кои добиле откази се пред пензија.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *