ДОГОВОРОТ НЕ ВАЖИ: Членството на СОНК бара спогодбите со Владата за зголемување на платите да станат дел од колективните договори
Како еден од најдемократските синдикати во државата, колективните договори за основно и средно образование ги пуштивме на јавна расправа. Секој наш член имаше можност да го разгледа текстот и да ги види предложените одредби во колективните договори, по што членството донесе одлука тие да не се прифатат, вели Јаким Неделков, Претседател на Самостојниот синдикат за образование наука и култура (СОНК).
Неделков посочи дека делот од одредбите каде што станува збор за парични средства биле предложени од страна на Министерството за образование и наука. Преговарачите од СОНК побарале повеќе, но МОН толку понудило.
„Едно од најгорчливите прашања за членовите од основно и средно образование е платата. Се мисли на методологијата за пресметката на плата. Голем дел од членството е на мисла дека методологијата треба да се смени и дека основната компонента за пресметка на платата треба да биде минималната плата“, рече Неделков.
Тој потсети дека СОНК со Владата потпиша Спогодба со која платите во образованието ќе растат до 2028 година. Платите треба да пораснат некаде околу 46 % до крајот на мандатот на Владата.
„Имаме можности во колективните договори да се искомбинира тој процентуален пораст на платите, така што членството бара и спогодбите за основно и средно образование да бидат дел од колективните договори. Оттука, да се комбинираат и тие проценти на зголемување“, наведе Неделков.
Членството, како што рече, има забелешки и во однос на одредени додатоци на плата, како додатокот за одделенски час. Понудената сума од МОН била премногу мала. Дополнително, забелешки има и за јубилејните награди – членството бара тие да бидат соодветни на оние кои ги земаат вработените во детската заштита, кои се двојно поголеми од пропишаните во Општиот колективен договор за јавен сектор. Бараат поголем процент за регрес за годишен одмор, како и за дополнителните задолженија кои ги имаат наставниците.
„Имаме констуктивни забелешки кои очекуваме повторно да бидат предмет на расправа помеѓу СОНК и МОН. Се разбира тука претпоставуваме дека ќе бидат вклучени и Министерството за финансии и Претседателот на Владата“, истакна Неделков.
Претседателот на СОНК се надева дека ќе успеат да изнајдат решенија преку понатамошни проговори, сепак не се исклучува можноста, доколку за тоа има потреба, да се применат и синдикални средства.

