Додека многу земји нудат високи плати и нови модели на работа, Македонија станува се понеповолна земја за работниците

Автор: Бобан Илијевски

Недостигот на работна сила во високоразвиените држави, но и појавувањето на новите модели на работа, Македонија ја ставаат во се понеповолна ситуација, земајќи ги во предвид ниските плати и не носењето на трудови политики кои би овозможиле поголема флексибилност.

Германија, како и многу други земји од Европа имаат огромен недостиг на работници во речиси сите индустриски гранки, што е огромен плус за македонските работници кои планираат своја кариера да направат во некоја од овие европски земји. Од друга страна, се повеќе се појавуваат нови модели на работа, а за тоа најголем „виновник“ е работата на далечина. Овој начин на работа ги лансираше и дигиталните номади – луѓе кои купуваат карта за еден правец кон некоја земја и таму остануваат да работат одреден период. На пример, Индонезија на голема врата планира да воведе дигитална номадска виза, која според тамошните власти ќе важи пет години, а воедно оние коишто би работеле од овој остров би биле ослободени од данок се додека нивните приходи потекнуваат од други земји. Треба да се напомене дека и други земји ширум светот работат на привлекување на дигитални номади, вклучувајќи ја и Хрватска.

Ова значи дека секој којшто работи на некоја од дигиталните платформи за работодавачи од друга земја, може да живее на Бали 5 години. Се разбира, ова нема да важи за сите земји, но ќе важи за државјаните во Македонија, со оглед на тоа дека имам сознание дека веќе има наши луѓе кои како дигитални номади се заминати на Бали.

Додека новите модели на работа и недостигот на работна сила во високоразвиените земји се повеќе привлекуваат наши работници, работодавачите кај нас се повеќе се ориентираат кон увозот на работна сила. Се разбира, добро е да се овозможи на други работници да дојдат и да работат кај нас поради културна размена, но мислам дека сепак приоритет треба да бидат нашите работници. Веќе наголемо се отвора прашањето дали на тие работници кои би дошле да работат во Македонија би им се платиле сместувањето и оброкот, а некои од синдикатите сметаат дека тие пари треба да се пренаменат за зголемување на платите на нашите работници за да истите се задржат во Македонија.

Гледаме дека државата не презема ништо конкретно во врска со тоа што Македонија станува се понеповолна земја за работа, а со тоа се повеќе тоне во амбисот на непосакувани држави за живот. Мислам дека и кога нашите функционери ќе се освестат и ќе сфатат дека масовно остануваат без население, ќе биде многу тешко да се направи нешто за да се задржат нашите работници во државата, бидејќи, како и што наведов погоре, влегуваме во се понеповолна ситуација кога се работи за можностите кои луѓето ги имаат на пазарот на трудот.

Мора да се земе во предвид и фактот дека се повеќе се губи оној конвенционален модел на работа на осумчасовно работно време и дека особено младите луѓе во се поголем број се ориентираат кон дигиталните професии кои нудат значително поголема флексибилност, а со тоа и намалено работно време и работење по распоред кој би го одредил самиот работник. Ова не го велам само јас, туку го велат и нашите експерти од областа на трудовото право и пазарот на труд.

Неодамна и на дебата која што ја организираше Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) покажа дека младите сакаат флексибилно работно време, можност за онлајн работа и се разбира повисоки плати.

Креаторите на политики во Македонија мора сериозно да ја сфатат ургентноста на проблемот и да најдат начин на кој би делувале што е можно поскоро.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.