- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникот

Доктор Роџевски: Медицинските работници ќе имаат трауми од пандемијата, а пациентите последици по менталното здравје

Доктор Роџевски - Работник
482views

„Луѓе кои прележале Ковид-19, ни се чувствуваат поуспорени, имаат малку променета перцепција за дистанца, имаат бранови на многу непријатен мирис, на гума, на ѓубре, на леш. Се истражува и се вели дека вирусот го напаѓа офлакторниот нерв, го напаѓа автономниот нервен систем и преку мозочното стебло оди во белата маса, каде сите овие кортикални функции можат да бидат успорени“.

Вака Крсте Роџевски – невропсихијатар со приватна пракса, кој работи како психофармаколог и психоаналитички терапевт во Њујорк, ја објаснува т.н. „когнитивната КОВИД магла“. Со него, ИКС разговараше за времето од траумите на медицинските работници. Нашата јавност д-р Роџевскиго познава како гласот и музиката од филмовите на Милчо Манчевски „Сенки“ и „Банкин Мун“ и „До Балчак“ на Столе Попов, од кои извира многу топлина и љубов.

Сериозни последици по менталното здравје имаат и сите оние кои го поминаа Ковидот. За нив мрачните мисли се пострашни од агонијата која ја минале во болница.

-Ковидот не го напаѓа мозокот само на психолошко или на социјално ниво, туку има и биолошки промени, кај луѓе кои одат во т.н. „когнитивна КОВИД магла“. Белата маса на мозокот е поафектирана бидејќи таа е одговорна за брзината со која ние ги процесираме информациите. Луѓе кои прележале КОВИД ни се чувствуваат поуспорени, имаат малку променета перцепција за дистанца, имаат бранови на многу непријатен мирис, на гума, на ѓубре, на леш. Се истражува и се вели дека вирусот го напаѓа офлакторниот нерв, го напаѓа автономниот нервен систем и преку мозочното стебло оди во белата маса, каде сите овие кортикални функции можат да бидат успорени. Од психијатриски аспект, кај оние што прележале КОВИД имаме пораст на депресии, пораст на први психотични епизоди, пораст на когнитивно успорување или когнитивна магла, а во некои случаи промени на карактерот, на поведението на личноста. И ние сѐ уште не знаеме, треба да се направи долгорочно испитување, бидејќи е нов вирус и дали ќе биде невролошки поопасно од она што мислиме, ќе видиме, вели тој.

А што станува со медицинскиот персонал, кој што се соочува со таква смртност на своите пациенти?

– Сега како никогаш порано сите станаа свесни колку е важно да се има добро јавно здравство и да се има добри доктори, медицински сестри и посветени социјални работници. Многу е полесно да се гледаат овие случаи на телевизија, да се слушаат само бројки, а многу е поинаку кога како јас на пример ќе поминев покрај болницата и ќе видев 4-5 камиони ладилници со преку 600 тела. Таа слика не се заборава. И замислете некој во пандемија оди во канцеларија, проверува пошта, има цвеќе, има поглед, а медицинската сестра оди на работа, каде има 12 до 14 КОВИД пациенти кои не можат да дишат, се мачат како риба на суво, некои и умираат. Тоа е трауматски ефект кој го носиш дома кога ќе се вратиш од работа. Имаше голем број на самоубиства на медицински персонал во март и април во Њујорк. Една моја колешка од Колумбија се самоуби и за неа пишуваше во „Њујорк Тајмс“, бидејќи таа немаше психијатриски проблеми и историја. Сакам да истакнам дека менталното здравје на персоналот е значително нарушено. Сите забораваат во овие моменти дека и медицинскиот персонал се луѓе и тие можат да бидат депресивни, анксиозни, психотични. Од таа стигма што постои, медицинскиот персонал е сосема занемарен и затоа мислам дека луѓето треба да имаат малку повеќе почит кон нивната работа и да се прашаат како изгледа , да се биде медицинска сестра, да се стави тој „панцир“ како во војна, да се качиш во автобус од Ѓорче, да дојдеш во болница, да гледаш на 16-17 пациенти, од кои 10 може да ти умрат и во шест часот попладне ќе се вратиш да ручаш или вечераш со семејството. Тоа не е обичен ден. Притоа тие само си ја извршуваат својата работа, за да донесат плата дома. Ние сме во пандемија и тоа луѓето го забораваат, додека пијат кафе во кафуле, а на неколку блока од нив се умира. Затоа сакам да го поздравам цел медицински персонал бидејќи знам како изгледа затоа што брат ми е дел од него и работи во КОВИД центар во Македонија, посочува тој.

Целото интервју со него погледнете го на ИКС