Uncategorised

До кога профитот ќе биде пред животот на работникот?!

   Време за читање 3 минути

Бобан Илијевски

Во изминатиов период имав можност да учествувам на еден семинар наменет за истражувачкото новинарство во областа на безбедноста и здравјето при работа –БЗР. Согледувајќи го целосниот трудов систем, би рекол дека БЗР е еден од најважните, со оглед на тоа дека безбедните и здравите работни места треба да се приоритет на сите работодавачи, но и на сите работници.

Кога ќе отвориме некој од агрегаторите за вести и во пребарувачот го напишеме клучниот збор „работници“, честопати може да се најде некоја вест за тоа дека одреден работник доживеал несреќа извршувајќи ги своите работни задачи. Најчесто станува збор за градежни работници, поради тоа што нивната работа е една од најризичните, заедно со земјоделието, рударството итн.

Ваквите несреќи за жал, остануваат само вест којашто дента кога е објавена е актуелна, а потоа се заборава на неа. Во ваквите вести најчесто се наведува дека полицијата или Државниот инспекторат за труд работат на расчистување на случајот, но завршница нема. Јавноста не знае што станало потоа со повредениот работник или пак во случај на смрт на работникот, со неговото семејство. Ова мора да се смени. Истражните органи и оние коишто се надлежни, не смеат да ги оставаат овие случаи нерасчистени, бидејќи со тоа се создава само поголем револт кај повредените работници или семејствата на загинатите работници.

Тука сепак голема улога треба да имаат медиумите, кои би требало подетално да истражат за тоа што се случило, но оваа е тема за којашто би требало да се напише една посебна дисертација, со оглед на фактот дека и новинарите немаат слобода да пишуваат на одредени теми, не особено за компании кои се или ќе бидат потенцијални спонзори на медиумот во којшто работат.  

Стручните лица за безбедност и здравје при работа постојано апелираат дека работодавачите треба да прават проценки на ризик на работните места, со цел да се избегнат несреќите при работа, но тоа што по вестите речиси секој ден можеме да видиме или прочитаме дека се повредил или загинал некој работник, значи дека одредени работодавачи не ги земаат во предвид апелите на стручните лица. Од друга страна, пак можно е да ангажираат стручни лица кои и баш не се стручни, колку само да помине процедурата, што е исто така аспект кој треба добро да се разгледа од страна на надлежните органи.

Профитот игра најголема улога кај работодавачот и поради тоа работникот го гледа како средство, алатка за да дојде до него, без притоа да гледа на неговите потреби и интереси. Во услови кога некои од нив им исплаќаат плата под минималната, не им исплаќаат придонеси од социјално осигурување, како може да се очекува од нив да се грижат и за безбедноста и здравјето на своите работници?

Повеќето од работниците во Македонија имаат небезбедни работни места и тоа е факт кој никој не може да се оспори. Потребно е да се вложат заеднички напори за да се надмине ваквата состојба.