Лекција по трудово право: Извршување на работни задачи во јавниот сектор
Рубрика трудово и социјално право
Тема: Извршување на работни задачи во јавниот сектор
Работните задачи на вработените во јавниот сектор се уредени со актот на систематизација на работните места во дадената институција. Па така вработените во јавниот сектор имаат обврска да ги извршуваат работите и задачите кои се опишани во самиот акт на систематизација.
Вработените во јавниот сектор врз основа на писмен акт донесен од страна на непосредно претпоставениот или раководното лице на институцијата се должни да извршуваат работи и работни задачи кои не се содржани во описот на актот на систематизацијата, но се во согласност со нивните професионални квалификации и работни компетенции.
Согласно Законот за вработени во јавниот сектор, вработените имаат обврска да ги извршуваат задачите кои им се зададени од раковнодниот функционер на инститцијата или од непосредно претпоставениот и да постапуваат по нив согласно Уставот, законите и други прописи. Кога вработените ќе се посомневаат дека задачите кои им се делегирани не се во согласност со Уставот и законите за тоа треба да го известат лицето кое им ја дало задачата на извршување.
ПОГРЕШНО е да се смета дека извршувањето на делегирана неуставна односно незаконита задача од страна на вработениот, без притоа да го предупреди за истото неговиот претпоставен го ослободува од вина, само затоа што извршувањето на истата му било наложено.
ПРАВИЛНО е да се смета дека вработениот може да извршува работни задачи по налог на раководителот кои не се во описот на актот на систематизација, но се во рамките на Уставот и законите, како и професионалните квалификации на вработениот.
Проф. д-р Лазар Јовевски

