Занимливости

Дури и мали количини алкохол можат да го оштетат мозокот, покажува најновата студија

Познато е дека прекумерното консумирање алкохол е штетно, но новото истражување открива дека дури и мали количини можат да предизвикаат оштетувања на мозокот. Американските научници го поврзаа поголемиот внес на алкохол со намалена перфузија, односно проток на крв во мозокот, како и со потенка мозочна кора – делот од мозокот каде што се одвиваат повеќето повисоки мисловни процеси. Важно е да се напомене дека овие знаци се пронајдени кај луѓе кои пиеле во рамките на препорачаните граници, пишува „Science Alert“.

Станува збор за мажи кои консумирале 60 или помалку пијалоци месечно и жени кои пиеле 30 или помалку пијалоци месечно. Притоа, еден пијалок содржи околу 14 грама чист етанол, што приближно одговара на едно шише пиво, чаша вино или една чашка жесток пијалок. Задржувањето под овие нивоа долго време беше препорака, иако најновите американски прехранбени насоки повеќе не наведуваат безбедна дневна горна граница.

Поврзаност со возраста и стареењето

Научниците открија и корелација помеѓу консумацијата на алкохол, животната возраст и мерењата на протокот на крв и дебелината на надворешниот слој на мозокот. Наодите сугерираат дека ефектите дури и од повременото пиење се акумулираат со текот на времето.

„Консумацијата на алкохол која се смета за ‘нискоризична’ може да има последици по интегритетот на кортикалното ткиво, особено со напредувањето на возраста. Овие резултати би можеле да влијаат на моменталните стратегии за намалување на штетите и јавноздравствените насоки за консумација на алкохол“, наведуваат истражувачите во својот труд.

Повеќе тука