ЕДНА ИДЕЈА: Работничките права да се изучуваат уште од најмала возраст – предзнаењето никогаш не шетети!

Автор: Бобан Илијевски

Низ умот ми се врти една, според мене, интересна идеја. Со оглед на тоа дека многу луѓе не се запознаени со тоа што се работнички права, а оттаму и со тоа кои работнички права им следуваат во работниот однос, сметам дека треба да се направи нешто што ќе овозможи уште од самиот почеток да се учат работничките права.

Можеби дел од вас погодија кон што целам, а на тие кои не погодија – целам кон тоа во образованието, особено основното да се стави акцент на изучување на работничките права.

Нема да навлегувам во детали како би можело да се изведе ова, бидејќи не сум стручен, но цврсто сум убеден дека може да се примени во пракса. Само треба да се има волја и да се изнајде начин за тоа како би се инкорпорирало изучувањето на работничките права во основно или средно образование. Дали во рамките на некој постоечки предмет или комплетно нов, тоа останува на оние коишто се стручни за креирање на образовни програми.

Преку изучувањето на работничките права уште од најмала возраст, децата веќе ќе имаат некакво знаење за нив и ќе имаат на ум дека се од голема важност. Верувам дека ова ќе придонесе да бидат по освестени кога ќе пораснат и кога ќе треба да се вработат.

Навистина е поразително тоа што многу мал број луѓе знаат за работничките права, а и многумина ги земаат здраво за готово, иако тие самите за себе се своја приказна.

Ние коишто работиме на полето на работните односи и работничките права, знаеме дека кажеме дека тие се посебна наука од обемен размер којашто постојано еволуира поради напредокот на технологијата, појавувањето на нови форми на работа, но и менување на начинот на работење. Не велам дека е некоја егзактна наука во која преовладуваат математички операции, но во голем дел е комплексна и динамична.

Како и што реков погоре, верувам дека постои начин на кој би можела да се симплифицира за основците и средношколците, само треба да се има волја и желба да се реализира.

Нема многу да должам, но пред да завршам, би сакал да ги повикам оние кои се стручни за креирање на образовни содржини да кажат како може ова да се изведе.

Со оглед на тоа дека ова писание е последно за оваа година, би сакал од се срце да ви ја честитам Новата 2023 година, како и претстојните божиќни празници и да ви посакам да ви се оствари секоја желба, сон и цел и она што е најважно – многу здравје и љубов.

П.С. Имам уште една идеја којашто би требало да се инкорпорира во нашето образование, но за неа друг пат.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.