Светот на работникот

Едно клучно прашање кое треба да го поставите пред да заминете од интервју за работа

Во потрага по идеална работа, сите сакаме да најдеме компанија чии вредности ги делиме. Но, честопати, и покрај тоа што знаеме што сакаме да работиме, тешко ни е да ги препознаеме вистинските вредности на компанијата – оние кои се применуваат секојдневно, а не само оние напишани на флаери. Според истражување на професор од бизнис школата NYU Stern, само 7% од возрасните јасно ги познаваат сопствените вредности, а повеќето не знаат како да ја „прочитаат“ вистинската култура на една компанија, пишува CNBC.

Како да ги откриете вистинските вредности на компанијата?

Кога на интервју за работа директно ќе прашате за вредностите на фирмата, најчесто ќе добиете општи одговори како: „ги цениме иновациите, тимската работа и извонредноста“. Ова се фрази без конкретно значење. Затоа, експертите советуваат да поставите едно директно, но моќно прашање:

„Каква личност не би требало да работи во оваа компанија?“

Ова прашање речиси секогаш го изненадува соговорникот, бидејќи води до поискрени и поспонтани одговори. Еве неколку реални примери кои студенти на NYU ги добиле на интервјуа:

  • „Личност која не сака да испраќа пораки за време на викенд.“
  • „Некој кој сака да менува позиции – овде бараме специјалисти.“
  • „Премногу социјални луѓе овде не поминуваат добро.“
  • „Екстремниот активизам овде не поминува.“
  • „Некој кој премногу сака да работи сам.“

Што откриваат овие одговори?

Токму ваквите одговори ги откриваат вистинските вредности на фирмата, без разубавување. На пример, ако некој каже дека не е пожелно вработените да ги игнорираат деловните пораки за време на викенд, јасно е дека таа фирма не ги почитува границите помеѓу работата и приватниот живот, без разлика што пишува на нивната веб-страница.

Кога е вистинското време за прашањето?

Ова прашање најдобро е да се постави на крајот од процесот на вработување, идеално откако ќе добиете понуда или кога веќе постои добар однос со соговорникот. Поради својата директност, може да делува непријатно ако се постави прерано или со погрешен тон.

Важно е прашањето да звучи љубопитно, а не истражувачки – иако, во суштина, е малку истражувачко. Познавајќи ги сопствените вредности, кандидатот може многу подобро да процени дали одредена фирма навистина е добро место за него.

Дали сте подготвени да го поставите ова прашање на следното интервју за работа?

Извор: BIZLife.rs