Еколошкиот сектор „експлодира“ во Европската унија: За една деценија отворени 2,2 милиони нови работни места
Еколошката економија во земјите на Европската унија бележи силен и континуиран раст, покажуваат најновите податоци на Евростат. Зелената транзиција сè повеќе се наметнува не само како еколошки приоритет, туку и како значаен двигател на економскиот развој и вработувањето.
Според статистиката, бројот на вработени во еколошкиот сектор пораснал од 3,6 милиони во 2014 година на 5,8 милиони во 2023 година, изразено во еквивалент на полно работно време. Тоа претставува зголемување од 2,2 милиони работни места, со просечна годишна стапка на раст од 5,5 проценти.
Само во однос на 2022 година, вработеноста се зголемила за дополнителни 4,2 проценти – од 5,6 на 5,8 милиони работници, што дополнително го потврдува трендот на забрзан развој на зелената економија низ Европската унија.
Широк спектар на активности
Еколошката економија опфаќа различни области – од заштита на животната средина, како управување со отпад и пречистување отпадни води, до управување со ресурси. Во ова спаѓаат и подобрување на енергетската ефикасност во градежништвото, производство на енергија од обновливи извори и одржливо управување со шумите.
Раст не само во вработеноста, туку и во вредноста
Податоците на Евростат покажуваат дека секторот не расте само по бројот на работни места, туку и по својата економска моќ. Во 2023 година, еколошката економија во ЕУ остварила вкупна продукција во вредност од 1,33 милијарди евра, што претставува раст од 4,3 проценти во споредба со претходната година.
Долгорочниот тренд е уште поимпресивен – од 2014 година наваму, вредноста на производството речиси се удвоила, од 0,68 на 1,33 милијарди евра, со просечен годишен раст од 7,9 проценти.
Зелената транзиција како економска шанса
Овие бројки јасно укажуваат дека преминот кон одржлива економија не е само еколошка потреба, туку и значаен извор на нови работни места и економски раст. Еколошкиот сектор станува една од клучните индустрии што ќе ја обликуваат иднината на европскиот пазар на труд.
Извор: EUpravo zato

