НовостиПравдаСветот на работникот

„Еуроникел“ оди во стечај, 800 вработени остануваат на улица

   Време за читање 5 минути

Над 800 вработени во „Еуроникел индустри“, поранешна „Фени“, во Кавадарци, четврти месец се без плата и по којзнае кој пат, Синдикатот ќе поднесе барање за стечајна постапка. Директорот на „Еуроникел“, Димитриос Пасхос, назначен од сопственикот на фабриката, швајцарскиот фонд ГСОЛ (GSOL), веќе четврти месец не е во фабриката ниту, пак, одговара на барањата и апелите на Синдикатот за исплата на платите на вработените. Неизвесна е судбината и на многубројни доставувачи, кои не знаат од каде ќе си ги наплатат долговите оти целокупниот имот на фабриката го изврши Комерцијална банка.

„Ги подготвивме документите и в понеделник ќе поднесеме барање за отворање стечајна постапка. Рочиште веќе има закажано за 2 февруари оти барање веќе поднесе компанија на која фабриката ѝ должи 10.000 евра. Се обидовме со сè што можевме. Седум дена го блокиравме патот, но никој не се загрижи, ниту министер ниту премиер. Ни кажуваа дека даваат натчовечки напори за да ни направат поврат на ДДВ, но место да ни ги дадат парите, кои ќе ги покриеја платите за сите вработени во овие четири месеци, видовме дека ветувањата биле лажни, ни свртеа друга приказна и парите не ни ги исплатија. Од почетокот на овој месец немаме и здравствено осигурување, ќе се лекуваме дома со ракија и ќе молчиме. Директорот избега и ниту се јави ниту нешто кажа сите овие месеци“, вели Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот на „Еуроникел“.

lg.php?bannerid=0&campaignid=0&zoneid=5&source= SOURCE &loc=https%3A%2F%2Fskopjeinfo.mk%2Feuronikel odi vo stechaj 800 vraboteni ostanuvaat na ulica&referer=https%3A%2F%2Ftime

Вработените изминатиот период добиле допис од „Еуроникел“, потпишан од избеганиот директор Пасхос, дека не мора да доаѓаат на работа, па од вчера се организирале и во фабриката доаѓаат само стотина од нив, кои се грижат да ја одржат печката топла, а другите седат дома и, како што на шега вели претседателот на Синдикатот, Ѓорѓиев, се лечат со ракија оти здравствено осигурување веќе немаат. Извесно е дека ќе одат под Заводот за вработување, а во постапката приоритет за исплата ќе бидат три од четирите заостанати плати.

Се надеваат дека ќе се најде нов инвеститор за фабриката, но претседателот Ѓорѓиев вели дека на секој негов обид да праша дали некој е заинтересиран, добива одговори дека се работи за класифицирани информации.

Управата на „Еуроникел“, компанија што во земјата ја формира швајцарскиот фонд ГСОЛ, а кој ја презеде фабриката, веќе со месеци не одговара на прашањата од „Макфакс“ во врска со исплатата на платите на вработените и со плановите со фабриката.

Иста судбина со кавадарчани вработени во „Еуроникел“ делат и вработените во доминикански „Фалкондо“ (Falcondo), исто така сопственост на ГСОЛ. Таму фабриката запрела со производство во октомври минатата година, во исто време кога од „Еуроникел“ си замина директорот Пасхос. Како што известуваат локалните доминикански медиуми, фабриката се наоѓа на работ на пропаст поради серија сериозни финансиски и управувачки проблеми предизвикани од лошо менаџирање од страна на ГСОЛ.

И таму банката позајмувач почнала процес на конфискација на имотот. Резервоарите за гас биле заложени кај Лафисе банка (Banco Lafise) за долг од 2 милиона американски долари, што „Американо никел“ (Americano Nickel), подружницата на ГСОЛ одговорна за долгот, не го платила. Со самата конфискација на резервоарите невозможно е фабриката да почне да работи.

За разлика од вработените во „Еуроникел“, работниците во „Фалкондо“ ја немаат добиено тринаесеттата плата за 2023 година, што е законска обврска. Тамошниот министер за труд го повикал „Фалкондо“ да ја исполни законската обврска кон 1.100 вработени.

Слично како и „Еуроникел“, доминиканските медиуми наведуваат дека „Фалкондо“ е важен извор на придонес кон националната економија преку вработувања и разни други давачки и затоа не смее да се дозволи оваа фабрика да згасне. Тие наведуваат дека на интернет-страницата на ГСОЛ стои дека тие како инвеститор се долгорочни партнери на Доминиканската Република, но дека праксата покажува нешто сосема поинакво: неодговорност и лоши практики во менаџирањето со фабриката.

ГСОЛ слични изјави даваше и во македонската јавност за време на стечајната постапка пред речиси 6 години, преку која го презеде поранешно „Фени“. Тогаш Маркос Камхис, претставникот на ГСОЛ, кој дојде во Македонија, пред судот во Велес праќаше пораки дека тие се подготвени да ја водат фабриката и во добрите и во лошите времиња. Но, вработените во фабриката разочарано велат дека како и претходните сопственици, и тие при првата криза, предизвикана од високата цена на електричната енергија, а и ниската цена и слабата побарувачката на никел, фабриката во Кавадарци ја напуштија, ја оставија во долгови кон доставувачите, со неисплатени плати на вработените, со извршен имот од страна на банката и со најави за стечај. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *