ЕУ со план за иднината: „Унија за вештини“ за нови работни можности
Дали сакате да научите нешто ново, да ја промените професијата или да напредувате во она што веќе го работите? Европската унија има план како секој да дојде до работа.
Европската унија ја започна иницијативата „Унија за вештини“ (Union for Skills) – план што им овозможува на граѓаните да се преквалификуваат, да научат нови, барани професии и полесно да се снајдат на брзо менливиот пазар на труд.
Во време на дигитална револуција, зелена транзиција, вештачка интелигенција и роботизација, традиционалните работни места се менуваат или целосно исчезнуваат. Затоа, ЕУ реши навремено да понуди решенија.
Луѓето се во центарот на вниманието
За разлика од други иницијативи, оваа не е наменета само за корпорации и големи компании. Напротив, граѓаните се во фокусот – не само младите што го бараат првото работно место, туку и возрасните лица кои сакаат да направат промена во кариерата.
Помошта важи и за малите и средни претпријатија, кои често немаат ресурси за обуки на вработените. „Унијата за вештини“ повикува на соработка помеѓу училишта, локални заедници, образовни институции, компании и граѓански организации – со заедничка мисија: знаењето да биде достапно за сите.
Барани професии и брзи обуки
На европскиот пазар на труд одамна недостасуваат кадри во одредени сектори: информатичка технологија (ИТ), градежништво, здравство, логистика и зелени технологии.
Иницијативата е фокусирана на брзи и практични обуки, познати како микро-квалификации. Наместо долги програми, се нудат курсеви што траат неколку дена или недели, со конкретно и применливо знаење.
На пример:
- управување со социјални мрежи,
- користење напредни алатки во Excel,
- одржување соларни панели,
- основна грижа за стари лица.
Овие вештини се барани на пазарот и можат веднаш да ви отворат врата за нова работа – или да ви помогнат да ја задржите сегашната.
Вештините немаат возраст
Ова не е иницијатива само за младите или старт-ап генерацијата. Таа е отворена и за лица над 40 или 50 години, кои сакаат нов почеток или се соочуваат со губење на работата. Пораката е јасна: никогаш не е доцна да се учи и никогаш не е доцна за нова кариера.
Во наредните години ќе се зголемат инвестициите во програми за преквалификација, со поддршка од локални и национални институции. Еден од новите предлози е и воведување на лични буџети за учење – секој граѓанин би имал право на одреден број часови обука, кои може да ги користи низ целата кариера, кога ќе му затребаат.
Каде најмногу недостигаат кадри?
Според Европската комисија, 77% од компаниите во ЕУ имаат проблем да најдат работници со соодветни вештини. Најголемиот „јаз“ е во следниве сектори:
- ИТ сектор – недостигаат програмери, експерти за сајбер безбедност, аналитичари за податоци и вештачка интелигенција. До 2030 година, ќе недостасуваат повеќе од 1,5 милион ИТ стручњаци.
- Зелени технологии – потребни се експерти за енергетска ефикасност, соларни и ветерни системи, паметни мрежи и одржлива градба.
- Здравство и нега – поради стареењето на населението, до 2035 година ќе бидат потребни дополнителни 4 милиони работници во овој сектор.
- Градежништво и логистика – и понатаму се бараат електричари, заварувачи, возачи и оператори на машини.
Што значи ова за Македонија?
Иако иницијативата формално се однесува на земјите-членки на ЕУ, таа е дел од поширока стратегија што ги вклучува и земјите кандидатки, како што е Србија – а индиректно и Македонија.
Македонија, преку европските фондови и програми како Еразмус+, Digital Europe, IPA, веќе учествува во бројни проекти за дигитални вештини и вработување. Со „Унијата за вештини“, овие програми ќе се прошират и подобро ќе се усогласат со реалните потреби на пазарот на труд.
📌 Извор: Европска комисија / EUpravo zato
🖋 Превод и адаптација: [Бобан Илијевски]

