Заев: Уште 1,100 стечајци со најмалку 14 години работен однос ќе добијат финансиски надомест до пензионирање
Бобан Илиејвски
Денеска на седница на Владата бил утврден текст на нов Предлог Закон со коишто ќе се обезбедат дополнителни финансии за 1,100 стечајци коишто имале работен однос во претпријатија во доминантна државна сопственост. Ова на прес – конференција го кажа Премиерот Зоран Заев кој потенцираше дека оваа Влада уште од првиот мандат во 2017 година, преку законски решенија и финансиски надоместоци им помогнала на оние коишто поради стечај останале без работа.
„Со овие законски решенија со месечен надомест во висина од 34 %, од просечната исплатена нето плата по работник, до минатата година, за пензионирање беа обезбедени 11,420 наши сограѓани“, рече Заев.
Тој истакна дека минатата Влада во 11 годишниот мандат успеала да обезбеди само 4,000 стечајци, а оваа Влада дури 11,420.
Посочи дека непосредно со законските решенија со коишто го олесниле секојдневието на стечајците, се вршела анализа на поднесените барања. Анализите дале насоки дека опфатот на лицата коишто можат да бидат материјално обезбедени може да биде уште поголем од сегашниот.
„Се покажа дека голем број на невработени лица ги исполнуваат условите од последното законско решение со исклучок на условот од 15 години работен однос, поради кој не можат да бидат корисници на правото за материјално обезбедување, од проста причина што тие наши сограѓани имале работен однос од 14 години“, истакна Заев.
Со цел да се надмине ваквата состојба и да се овозможи остварување на принципот на еднаквост на граѓаните во остварувањето на своите права, новиот закон предвидува дополнителни 1,100 стечајци кои имале најмалку 14 години работен однос, наместо досегашниот услов со најмалку 15 години, да се стекнат со право на месечен надомест до нивно пензионирање, рече Заев.
Наведе дека останатите услови остануваат исти како и досега, меѓу кои и основниот – работниот однос на невработеното лице да му престанал по однос на стечај, ликвидација или технолошки вишок заклучно со 31 декември 2020 година.

