ПравдаСветот на работникот

Јовевски: Порамнувањето на казните служи за да истите не застарат и не се случува застој во нивното подмирување

Можно е зголемувањето на казните за работодавачите кои ги прекршуваат одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа да влијаат повеќе врз нив и повеќе да ги почитуваат истите, вели за порталот Работник, Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски.

Имено, порталот Работник веќе подолго време ја обработува темата со казните за прекршување на мерките за заштита при работа.

Од Државниот инспекторат за труд во еден наврат за нашата редакција рекоа дека казните кои им се изрекуваат на работодавачите за прекршување на овие мерки се согласно Законот за прекршоци и дека тие варираат во зависност од големината на деловниот субјект. Посочија и дека доколку казните бидат платени во рок од 8 дена, преку т.н. постапка на порамнување, тие изнесуваат 50 % од целосната сума.

За експертите од областа на безбедноста и здравјето при работа овие казни се мали, бидејќи како што велат Македонија губи 400 милиони евра на годишно ниво поради несреќите при работа. Оценуваат дека во Македонија превентивната култура е на многу ниско ниво, па поради тоа се случуваат и несреќите при работа.

Работодавачите пак, сметаат дека казните треба да бидат исти за сите компании, без разлика на нивната големина. Нивен став е дека непочитувањето на законите треба да се направи „неисплатлива инвестиција“, за да тие се почитуваат.

„Работодавачите треба да ги почитуваат законите, а работниците да алармираат доколку има неправилности“

Професорот Јовевски вели дека со оглед на тоа што се работи за безбедноста на работникот, се работи за човечкиот живот, па затоа потребно е работодавачите доследно да ги почитуваат мерките и да бидат свесни дека со нивното непочитување, не само што ќе им биде изречена голема казна, туку сето тоа може да резултира со фатални последици.

Според него, потребно е и работниците да се свесни за ризикот кој го преземаат при работењето и да постапуваат со потребното внимание, да се запознаени со своите права и секако доколку има определени неправилности да го известат работодавачот. Доколку нема одговор од негова страна, вели Јовевски, тогаш треба да се обратат до надлежниор орган – Државниот инспекторат за труд.

Исто така, би сакал да потенцирам дека потребно е паралелно да се работи и на зголемувањето на свеста, како и на културата на превенција кај работодавачите, истакна Јовевски. 

„Постапката за пормнување не треба да се изземе поради тоа што ќе дојде до застој и застарување на казните“

Јовевски го прашавме и за тоа дали треба да се изземе постапката за порамнување и со тоа работодавачите да бидат обврзани да ја исплатат целосната сума на казната.

Постапката за порамнување, објасни тој, не треба да се изземе затоа што на тој начин се мотивираат работодавачите да ја платат казната што е можно побрзо, со оглед на тоа што подоцнежното плаќање коешто би било 100 % би влијаело врз финансиите на компанијата.

Таа ќе придонесе да се намали застојот и застареноста на казните, односно ќе овозможи веднаш да се платат казните. Би сакал да наведам дека во ова време на криза, порамнувањето на некој начин им помага на компаниите да не дојде до поголемо намалување на нивните финансии, а и досегашните искуства се позитивни, вели Јовевски. 

За тоа дали казните треба да еднакви за сите компании, без разлика на нивната големина, Јовевски вели дека не треба да бидат, пред се‘ поради фактот што има разлика во профитот на компаниите.

Поголемите компании се со поголем профит, па така доколку ја израмниме големината на казните, односно доколку големите компании плаќаат исти казни со малите, тоа може да има спротивен ефект. Ниските суми нема да имаат големо влијание врз големите компании, па поради тоа нема многу да внимаваат да не прават прекршоци, истакна Јовевски.

Поради тоа, тука треба да се земе во предвид фактот дека големите компании имаат многу поголема одговорност, со оглед на тоа што имаат многу поголем број на вработени. Од друга страна пак, кај малите компании доколку се зголемат казните, односно се израмнат со казните на големите компании, ќе се јави незадоволство кое може да резултира со зголемување на бројот на вработувања „на црно“, а постои опасност и од нивно затворање, од причина што не би можеле да ја поднесат висината на казната, посочи Јовевски. 

Тоа, вели, ќе резултира и со затворање на работни места и зголемување на невработеноста и потсетува дека не треба да се заборави фактот дека повеќе од 90 % од компаниите во Македонија се мали.

Со пропорционалноста се стекнува одредена праведност, а сите знаеме дека праведноста е значајна за развојот на една држава, наведува Јовевски.

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk