Казните за прекршувањето на работничките права треба да бидат исти за сите компании (АУДИО)
Секое непочитување на законите од одредени компании ги става компаниите кои ги почитуваат законските прописи во неповолна положба.
Ова ќе го рече Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, во изјава за порталот Работник.
Имено, порталот Работник веќе објави два дела од серијалот: „Казните за прекршување на мерките од Законот за безбедност и здравје при работа“, кои можете да ги најдете тука и тука.
Во третиот дел од серијалот ги пренесуваме ставовите на работодавачите, конкретно на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Зошто компаниите кои не ги почитуваат законските прописи се нелојална конкуренција на оние кои ги почитуваат?
Секое почитување на одредени закони бара финансиски средства од компанијата, објаснува Димитров.
Без разлика дали станува збор за плаќање на одредени даноци, придонеси или други давачки или почитување на одредени права од работен однос, заштита на животната средина или пак безбедност и здравје при работа бара финансиски давачки. Ова е случај и со Законот за безбедност и здравје при работа во кој голем број на активности ги вршат лиценцирани стручни лица од надвор кои за својата услуга наплаќаат одреден надомест, вели Димитров.
На Г-динот Димитров му поставивме прашање и за тоа дали нелојалната конкуренција е една од причините поради која компаниите не можат да пронајдат квалификувани работници.
Неговото мислење е дека тоа има одредено влијание, но дека не е главната причина за недостиг на млад и квалификуван кадар во многу дејности. Главната причина за недостигот е расчекорот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, истакна тој.
Повтори дека квалификациите и занимањата кои се продуцираат во нашите образовни институции не одговараат на стопанската структура која ја има во земјата.
Димитров се осврна и на измените на Законот за безбедност и здравје при работа со кои се извршило усогласување на паричните казни со Законот за прекршоци и дошло до одредено намалување на казните.
Добро е што имаме неколку скалила во висината на казните и полесните прекршоци се казнуваат со помали износи, а оние од втората и третата категорија со повисоки казни, рече Димитров.
Казните треба да бидат еднакви за сите компании, без разлика на големината
Тој не смета дека ниските казни се причина за непочитување на Законот. Во минатото, вели, имало драстично повисоки казни и за многу мали прекршоци, но тоа не довело до подобро спроведување на Законот.
Кога сме кај контролите и казните многу по важно е тие да бидат еднакви за сите, без разлика на сектор, големина на компанијата или пак регион и општина. Пред законот сите треба да сме еднакви и спрема секого исто да се постапува при контролите. Не можеме ние како држава од приватниот сектор да бараме почитување на законите, а притоа во јавниот сектор немаме почитување на основните права од работен однос, истакна Димитров.
Доколку сите работодавачи сфатат дека за секое непочитување ќе бидат казнети и дека не постојат шанси кај нив да не влезе контрола или пак да ги заобиколат казните, тогаш спроведувањето на законите ќе биде подобро.
Заклучи дека мора да се направи неспроведувањето на законите „неисплатлива инвестиција“. „Тогаш сите ќе ги почитуваат“, додаде Димитров.
Инаку, казните за прекршување на мерките од безбедност и здравје при работа изнесуваат од 200 до 4,000 евра, во зависност од големината на компанијата, но ако компанијата ја плати казната во рок од 8 дена, тогаш таа ќе изнесува 50 % од иницијалната казна.

