ЗАРАБОТКАТА БИ ДОСТИГНАЛА И ДО 70,000 ДЕНАРИ – Синдикатот предлага воведување на нова мерка
Подготвил: Бобан Илијевски
Претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија, Роберт Митровски, вели дека во угостителскиот сектор потребно е да се воведе сервис.
– Сервисот да биде задолжителен и да се пресметува како ставка во угостителската услуга која би изнесувала од 5 до 10 %. Процентот од него, на крајот на месецот, да се распредели на сите вработени во угостителскиот објект, а не само на келнерите – вели Митровски.
Според него, со воведување на сервис ќе се зголеми продуктивноста кај сите вработени во објектот, па со тоа ќе бидат повеќе мотивирани поквалитетно да ја изршуваат својата работа.
Не е фер, нагласува Митровски, само келнерите да имаат дополнителен профит и на крајот на месецот да земат повеќе пари од готвачите кои „вријат на 100 степени“.
Тој предлага да се направи пилот проект кој би траел еден месец, каде во еден кафич, еден ресторан и еден хотел ќе се експериментира оваа мерка, со цел да се видат резултатите од истата и додава дека ако е се како што треба, следен чекор ќе биде да се преточи во законско решние.
– На пример, угостителските објекти кои би учествувале во пилот проектот би можеле да направат сервисот да изнесува 5 %. Тоа би значело дека на сметка до 1,000 денари, 5 % ќе одат за вработените во објектите. Доколку е потребно би можел и да се зголеми процентот, но прво треба да се види како ќе помине сето тоа – истакна Митровски.
Првиот човек на СУТ уверува дека оваа ставка нема да биде на товар на сопственикот на угостителскиот објект, туку истата ќе ја плаќа гостинот.
Синдикатот во предвид го има земено и тоа дека оваа мерка ќе предизвика негодување кај некои сопственици, па затоа ќе биде потребно да се воведе контрола и додаде дека и самите вработени ќе вршат контрола оти тие најдобро ќе знаат дали ги добиле парите од сервисот.
Бакшишот ќе си остане како и досега – гостинот да одлучи дали и колку пари ќе остави.
Со воведување на сервисот, платите ќе се зголемат и до 60,000, па и 70,000 денари во угостителскиот сектор, а тоа ќе помогне да се зголеми интересот кај луѓето да работат во истиот.
Митровски смета дека потребно е и да се формираат синдикални организации во угостителските објекти, за да на тој начин синдикатот има секогаш информации за тоа колку се почитуваат законите и се што произлегува од нив.
– Разговараме со сопствениците на неколку угостителски објекти во Македонија и тие се согласуваат да се воведе сервис, а се согласуваат и со идејата во нивните објекти да се формираат синдикати – посочи Митровски.
Додаде дека оваа мерка е дел на борбата на синдикатот против „белата чума“ – големиот недостиг на работна сила.
Инаку, дел од коморите се залагаат да се воведе задолжителен бакшиш кој би изнесувал од 5 до 20 %, исто како во некои држави во светот.
Фото: Canva