За да се дојде до поголеми плати треба да се промени стопанската структура

Што треба да се направи за да се зголеми човечкиот капитал на младите во Македонија? Ова прашање има одговор, но некако тешко истиот успева да се имплементира во пракса.

Експертите велат дека потребно е да се воведат мерки кои би помогнале да се зголеми капиталот на младите. Некои од нив се: излегување на Македонија од рамките на држави со евтина работна сила, воведување на флексибилни аранжмани за работа, развивање на социјалното претприемништво…

За да се воведат вакви мерки потребна е политичка волја, но и согласност помеѓу социјалните партнери (работодавачите, Владата и синдикатите). Досегашните искуства покажуваат дека тоа и не е толку лесно да се оствари.

Како и да е, останува фактот дека младите во Македонија остваруваат само 56 % од својот капитал, а со тоа котираат најниско помеѓу нивните врсници од соседните земји и неколку африкански држави.

Работодавачите имаат исто мислење како вообичаено – подобрување на квалитетот на образованието и кариерно насочување на младите

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров во изјава за порталот Работник, истакна дека промените мора да започнат од образованието.

Според него, образованието треба да им овозможи практични знаења на младите, но и да ги обучи да размислуваат со своја глава, наместо да учат напамет работи од кои никогаш нема да имаат потреба.

Тој смета дека нашето образование порано било квалитетно, но со вмешување на политичките партии, квалитетот бил нарушен.

За жал, нашето образование порано беше подобро, но откако во него почнаа да се мешаат политичките партии тоа го изгуби квалитетот. Денес во Македонија нема ученици кои го повторуваат одделението. Како може да пројде во повисоко одделение ученик кој нема минимум на знаење кое е потребно?, вели Димитров.

Photo by Mufid Majnun on Unsplash

Димитров истакна дека друг проблем е што во Македонија нема кариерно насочување на младите, нагласувајќи дека тие се запишуваат во средните училишта и на факултет поради некакви моментални емоции или пак каде што има слободни места.

Голем број од нив воопшто не ги интересира занимањето за кое се остручуваат и немаат намера да ја работат професијата. Кариерното насочување треба да отпочне уште во Основното образование и да зависи од способностите и афинитетите на секое дете, а не од неговите желби, посочи Димитров.

Осврнувајќи се на обуките и преквалификациите во компаниите, тој подвлече дека тие се присутни, но не како системско решение, туку како „добри примери“.

Објасни дека во неколку компании во земјава средношколците од стручните училишта посетуваат пракса во, а потоа и се вработуваат кај истите.

Во некои од нив на учениците им се исплаќаше одреден надомест и компаниите долго имаа проблем како тој надомест, кој не беше предвиден во нашите закони, да го исплаќаат. Таканаречениот „Дуален систем на образование“ во многу европски држави одлично функционира. Но мораме да бидеме реални дека кај нас за одредени занимања воопшто нема интерес од страна на младите, па затоа и оние кои учат во вакви средни стручни училишта бараа фиктивни потврди за пракса наместо праксата реално да ја обавуваат, истакна Димитров.

Младите, вели тој, имаат сосема поразлична претстава за тоа што сакаат да бидат, а таа не се поклопува со нивните способности и стекнати знаења, како и со потребите на стопанството. Тие не сакаат да работат во трудоинтензивните дејности со ниски плати, додаде Димитров и нагласи дека таквите дејности се се‘ уште застапени во голем процент во македонската економија.

За да се промени стопанската структура, појасни тој, потребни се знаење и капитал. „Ние во овој момент не располагаме ниту со доволно знаење ниту со доволно капитал. Капиталот може да се замени со кредити или директни странски инвестиции, но знаењето многу тешко го обезбедуваме“, вели Димитров.

Потврда за ова е структурата на компаниите во Технолошко – индустриските развојни зони, каде преовладуваат ниско платени работни места, вели тој, подвлекувајќи дека и покрај огромните државни субвенции, тие не исплаќаат многу повисоки плати од домашните компании.

„Дури и просечната плата во ТИРЗ е пониска од просечната плата во државата“, заклучи Димитров.

Иселувањето на младите продолжува поради се поголемиот раст на незадоволството од економскиот стандард во државата. Според податоците на Светска банка околу 600,000 граѓани живеат надвор од државата.

Потврда за тоа дека младите имаат голема желба да си заминат од Македонија е и истражувањето на Фондацијата Вестминистер според кое 58 % од нив би ја напуштиле државата.

Едно истражување на порталот САКАМ ДА КАЖАМ од 2020 година откри дека иселувањето на еден млад образовен човек државата ја чини 40,000 евра.