ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Идните работници во Македонија ќе бидат најмалку продуктивни во споредба со земјите од соседството и неколку африкански земји

Бобан Илијевски

Споредувајќи го Индексот на човечки капитал во Македонија за 2020 година со оној на земјите од нашето соседство и регионот, може да се забележи дека Македонија има најнизок Индекс од сите држави во соседството. Истиот во Србија е поголем за 12 %, во Црна Гора за 7 %, а во Косово 1%. Потребно е да се посочи дека Македонија има понизок процнет на човечки капитал и од земјите со среден приход, меѓу кои се и држави од Африка. 

Индексот на човечки капитал на Светската банка го мери износот на човечки капитал (економска вредност за искуство и вештини на работник) кој дете родено денес може да го оствари до неговата 18 годишна возраст. Тој ја прикажува продуктивноста на следната генерација на работници. Како параметри во предвид се земаат комплетното образование и целосното здравје на детото, неговите вештини итн.

Гледано во глобална рамка, проценува Светска банка, дете родено во 2020 година, во просек, може да очекува да биде 56 % продуктивно кога ќе порасне.

Со оглед на тоа дека податоците коишто ќе ги прикажеме подолу датираат од 2020 година, Светска банка забележува дека податоците го претставуваат статусот на државите пред да се појави Ковид – 19.

Имено, редакцијата на порталот Работник, користејќи го Индексот на човечки капитал на Светска банка, направи споредба на човечкиот капитал на Македонија, со тој во државите од регионот (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија).

Македонија

Во Македонија, Индексот на човечки капитал изнесува 56 %, а тоа значи дека едно дете родено во 2020, може да оствари само 56 % од својот капитал. Се разбира, ова се однесува на оние деца коишто имаат комплетно образование и се целосно здрави. Светска банка забележува дека овој процент е понизок од просечниот за Европа и Централна Азија и ниско развиените држави (тука влегуваат земјите како Ангола, Боцвана, Либија, Маурциус, Кина, Јужна Африка, Тунис…)

Од Светска банка посочуваат дека Индексот за човечки капитал е повисок за жените, отколку за мажите и истиот изнесува 57 %, додека за мажите истиот изнесува 54 %.

Србија

Децата родени во нашиот северен сосед ќе бидат попродуктивни од нашите деца, бидејќи имаат поголем индекс на човечки капитал кој изнесува 68 %. 

Индексот, како што потенцира Индекост на Светска банка, е под просекот на Европа и Централна Азија, но е повисок од просекот во средно развиените држави.

И во Србија, како и во Македонија, жените имаат поголем индекс на човечки капитал кој изнесува 70 %, додека кај мажите е 66 %.

Хрватска

Продуктивноста на дете родено во 2020 година во Хрватска ќе биде 71 % кога ќе порасне, вели Светска банка, додавајќи дека ова е над просекот во Еврпа и Централна Азија и малку над просекот од високо развиените земји (тука спаѓаат Норвешка, Луксембург, САД, Германија итн.)

И во Хрватска, Индексот е поголем за жените и изнесува 74 %, додека за мажите е 68 %.

Босна и Херцеговина

Децата родени во Босна и Херцеговина во 2020 ќе бидат 58 % продуктивни кога ќе пораснат, вели Индексот за оваа држава. Според него, ова е под просекот во Европа и Централна Азија, но над просекот споредено со средно развиените држави.

И во БиХ Индексот е поголем кај жените (59 %), отколку кај мажите (57 %).

Албанија

Децата родени во нашиот западен сосед имаат поголем Индекс на човечки капитал од нашите деца, односно тој изнесува 63 %. Светска банка истакнува дека овој процент е понизок од просекот во Европа и Централна Азија, но е повисок од средно развиените држави.

Како и во останатите држави коишто ги анализиравме, и во Албанија, Индексот на човечки капитал е поголем кај жените (66 %) од мажите (61 %).

Косово

Косово, држава за која треба да земе во предвид дека е понова земја од Македонија, Индексот на човечки капитал е поголем од тој во Македонија и изнесува 57 %. Светска банка укажува на тоа дека овој процент е понизок од просекот во Европа и Централна Азија, но е малку повисок од просекот во средно развиените земји.

Трендот на повисок Индекс кај жените продолжува и во Косово и тој изнесува 58 % додека кај мажите изнесува 55 %.

Црна Гора

Дете родено во Црна Гора, според податоците од 2020 на СБ, ќе биде 63 % продуктивно кога ќе порасне, па со оглед на износот на процентот и децата во Црна Гора ќе бидат попродуктивни од оние во Македонија.

Споредено со Европа и Централна Азија, овој процент е понизок, но е повисок од просекот во средно развиените земји.

Индексот на човечки капитал е повисок кај жените и изнесува 64%, за разлика кај мажите кој изнесува 63 %.

Словенија

Словенија важи за една од најразвиените земји на Балканот, а тоа дополнително го потврдува и Индексот на човечки каптитал кој во оваа земја изнесува 77 %. Според Светска банка овој процент е поголем од просекот во Европа и Централна Азија и високо развиените земји.

И во Словенија, жените имаат поголем Индекс од мажите (75 %), кој изнесува 80 %.

Сублимирани, податоците покажуваат дека децата во Македонија ќе бидат најмалку продуктивни кога ќе пораснат. За ова, според познавачите, придонесува лошиот квалитет на образованието и немањето на соодветни вештини кај младите.

Фото: Pixabay

 

 

 

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk