МакедонијаНовостиСиндикат

За Османи, обвинувањата на Синдикатот за конзулот во Њујорк се етничка дискриминација

   Време за читање 2 минути

Елементи на етничка дискриминација гледа министерот за надворешни работи Бујар Османи во обвинувањата на Синдикатот на вработени во дипломатска служба дека за конзул во Њујорк се праќа човек без дипломатско звање.

„Како наближуваат избори, етничката дискриминација добива вознемирувачки димензии, па затоа мојата реакција беше жестока и ќе биде жестока“, рече министерот Османи во одговор на новинарско прашање, на прес конференцијата со неговиот албански колега Игли Хасани.

Дипломатскиот синдикат вели дека предлогот Мухаби Синани да биде конзул во Њујорк е еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи. Според Синдикатот тој во Министерството за надворешни работи е вработен од пред неколку месеци, а минатата недела ги одбранил тезите за упатување, без притоа да има стекнато високо дипломатско звање кое е услов за именување на генерален конзул.

Османи вели дека во изминатите две недели предложил, а Владата одобрила четворица конзули. Од нив двајца не биле Албанци и двајца воопшто не биле од МНР. Но, како што вели, Синдикатот реагирал само за Албанците.

Од Синдикатот велат дека нема албанофобија ниту албано-хистерија, а во нивниот синдикат има дипломати од сите етнички заедници. Тие, како што велат, реагираат само на прашања што ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери. Од Синдикатот прашуваат и дали со предлогот за конзул во Њујорк се крши Законот за надворешни работи.

Министерот вели дека делот од Законот кој што предвидува високо дипломатско звање за конзули е сменет во 2015 година по предлог на тогашниот министер.

„Меѓутоа тогаш немало реакција, немаше реакција ниту за тие кои што воопшто не се дел од МНР. Никој не ги спомна другите политички решенија. Нема да дозволам етничка припадност да биде основа за синдикално организирање“, рече Османи.

Конзулското место во Њујорк беше во центарот на вниманието и пред две години откако се појавија информации дека со владина одлука за конзул во Њујорк е назначена ТВ-презентерката Бесмира Ејупи, блиска до владејачката партија ДУИ.

По бурните реакции во јавноста, таа не замина за конзул во Њујорк.