Злоупотреба на трудот на работниците – Им го зголемуваат обемот на работа, но не и платите

Автор: Бобан Илијевски

За да им останат повеќе пари, некои газди на своите вработени им даваат работа колку за двајца работници, а плата како да работат само на едно работно место. Ова е една од причините поради кои се повеќе работници заминуваат од работните места, но е и една од најголемите причини поради кои заминуваат од државата.

За жал, многу газди кај нас се научени да ги оптоваруваат своите вработени со работа за да намалат на трошоците за плати. Овој „тренд“ постоеше и пред да се продлабочи недостигот на работна сила, а постои и денес кога речиси сите сектори кубурат со работници. Што да речам, на некои газди никогаш нема да им дојде паметот. Можеби откако ќе стават клуч на вратата поради тоа што ќе нема кој да им работи. Ама и тогаш тешко.

Колку и да е алармантна состојбата на пазарот на труд, нив им е поважно поголемиот дел од профитот да си го задржат за себе наместо да го инвестираат во работна сила. На своите вработени им го зголемуваат обемот на работа, а притоа не им ги зголемуваат платите.

Навистина не ми е јасно што очекуваат овие газди? Дека работниците ќе го остават својот приватен живот настрана и дека ќе работат по цели денови. ОК, но до кога? Ќе дојде денот кога ќе речат „дојдено ми е преку глава“ и ќе бараат начин како да заминат од кај тој газда и да се вработат некаде каде што барем нема да бидат пренатрупани со работа.

Професионалците од областа на човечките ресурси и експертите за кариера постојано апелираат дека компаниите кои го злоупотребуваат трудот на работниците ќе се соочат со уште поголем недостиг на работна сила. За разлика од нив, оние компании кои ќе го ценат нивниот труд и достоинство ќе станат попривлечни.

За потсетување, најважни приоритети на работниците во денешно време се: платата, флексибилното работно време и меѓучовечките односи. Злоупотребата на трудот на работникот значи влошување на меѓучовечките односи, а тоа што овој сегмент е во топ трите приоритети покажува дека е од пресудна важност за нив.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.