ЗНМ за Работник: Преку Фондот за слободни медиуми ќе се зголеми и стандардот на новинарите и медиумските работници
Бобан Илијевски
Неодамна од Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ реагираа на постапката на градот Скопје за рекламирање во медиумите со јавни пари, односно пари на граѓаните. ЗНМ, наместо тоа веќе две години наназад предлага, како што стои во соопштението, да се основа Фонд за слободни медиуми.
Редакцијата на порталот Работник испрати прашања до ЗНМ, со цел да добиеме објаснување што предвидува иницијативата за создавање на Фонд за слободни медиуми.
Од ЗНМ истакнаа дека гледано од денешен аспект слободата на говорот за разлика од пред 5 или 6 години е многу поголема, па поради тоа не треба да се експериментира со враќање на владините пари за кампањи во медиумите.
Во контекст на ова, ЗНМ веќе одреден период инсистира на создавање на Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес, за новинарски продукти, преку кои ќе се овозможи финансирање на проекти за истражувачко, аналитичко новинарство, за документарна, образовна и едукативна содржина, велат од ЗНМ.
Според нив, преку ова практично ќе се помогне новинарството и ќе се влијае на тоа да се зголемат примањата на новинарите и медиумските работници.
Велат дека новинарството се‘ уште не може да се опорави од дисторзијата на пазарот од пред десетина година.
Не треба да се носат решенија што ќе резултираат со траен клиентелистички однос на државата и медиумските газди и затоа нудиме модел кој нема да ја загрози слободата, туку напротив, ќе донесе креатива и истражувачки стории, посочија од ЗНМ.
Напоменаа дека основната цел на Фондот за слободни медиуми е преку јасно утврдени критериуми и на транспарентен начин да се подобри медиумската содржина генерално во земјава, а со тоа и стандардот на новинарите и медиумските работници.

