Иднината на капитализмот? „Мора да еволуира или да умре“
Адам Смит не бил економист.
Пред сѐ, проучувачот на капитализмот бил морален филозоф кој поголемиот дел од своето време го поминал размислувајќи за човечката природа.
Неговиот најзначаен увид бил дека луѓето слободни да работат за своите лични интереси ќе ги задоволат потребите на поширокото општество; дека неограничениот, конкурентен пазар – за разлика од меркантилизмот кој го штитела владата од неговото време – ќе ја зајакне позицијата и на работниците и на потрошувачите.
Неговата теорија на крајот ќе доминира со најголемите светски економии скоро 250 години; но во последно време се појавиле пукнатини во поддршката на американските капиталистички фондации. Анкетата на Axios од 2021 покажала дека само 42 % од возрасните од 18 до 24 години имаат позитивен поглед на капитализмот, додека 54 % го сметаат за негативен – и тоа мислење оди подалеку од партиската припадност. Истата година, само 66 % од републиканците, од 18 до 34 години, сметале дека капитализмот е позитивна сила, во однос на 81 % во 2019 година.
Дали е време повторно да се размисли за системот кој Смит го изградил? И понатаму е најдобра опција.
Винстон Черчил еднаш рекол дека „демократијата е најлош облик на владеење освен сите тие други облици.“ Истото може да се каже и за капитализмот. Иако несовршен, тој е најдобра метода за борба против сиромаштијата и им овозможува на луѓето најдобра шанса за пронаоѓање на финансиска стабилност и успех. Тој е воедно и најдобриот систем за сузбивање на стагнацијата преку стимулирање на раст и иновации. Дури и самопрогласените социјалисти често не се лути на самиот капитализам колку на додатните политики, како недостатокот од мрежа за социјална сигурност и растечките нееднаквости, кои би можеле да се поправат без напуштање на капитализмот.
Податоците ја потврдуваат ефикасноста на капитализмот: откако станала доминантна економска филозофија ширум светот, екстремната сиромаштија забележала огромно намалување. Во 1820 година, според економистите од Парискиот универзитет, 84 % од светската популација живеела во екстремна сиромаштија. Тој процент во 1910 година паднал на 66 %, а до 2018 на 8,6 %. Причината поради која капитализмот „довел до најголемо намалување на сиромаштијата во човечката историја“, пишува колумнистот на „Њујорк тајмс“ Дејвид Брукс, е едноставна: во споредба со централно планираните економии, капитализмот е многу поприспособлив. „Капитализмот создава неисцрплив систем на учење“, напишал Брукс, кој некогаш се идентификувал како социјалист.
„Социјализам не“
Онаму каде што социјализмот се истакнува, тврди Брукс, е во стимулирањето на корупцијата меѓу државните службеници. Кога нивните планови ќе пропаднат и робата ќе стане оскудна, злоупотребата станува неизбежна, бидејќи тие ја имаат целата моќ. „Системот кој почнува со висок идеализам“, пишува тој, „завршува со корупција, непочитување, угнетување и недоверба.“
Да бидеме фер, и капитализмот може да биде зрел за злоупотреба, признава Брукс. Но одговорот на таа злоупотреба, инсистира тој, не е друго, туку подобар капитализам. „Пазарите се морално неутрални“, пишува професорот по економија на BYU, Филиш Џ. Брајсон. Таа неутралност значи дека системот може да се постави на тој начин да им биде од корист на сите. „Големата грешка која ја направивме на конзервативната страна беше тоа што мислевме дека сето тоа што ја прави владата посилна воедно го прави пазарот помалку динамичен“, пишува Брукс, наведувајќи ги земјите како Данска и Финска како примери на широко отворени пазари кои исто така имаат политика да помогнат во ширењето на богатството. „Единствената причина зошто можат да дозволат да имаат великодушна благосостојба во државите“, додава „е тоа што имаат и многу слободни пазари“.
„Нов вид на капитализам“
Од времето кога Џон Ф. Кенеди бил Претседател, американските плати (земајќи ја предвид инфлацијата) стагнираат, додека најбогатите 10 % од Американците – особено 1 % – го зголемиле својот удел во националното богатство. Професорот по економија на Калифорнискиот универзитет во Беркли, Габриел Закман напишал дека нееднаквоста на приходите во Америка била полоша во 2019 година отколку во периодот кој ѝ претходел на Големата депресија.
Милениумците се првата генерација на Американци од 1930-тите кои се во полоша положба од своите родители во преземањето на првите чекори кон создавање богатство. И покрај тоа што се најобразованата генерација, многу милениумци немаат финансиска способност да заштедат пари за стан, куќа или пензија како што тоа го правеле нивните родители. Сред вртоглавите цени на становите, цени на храната, каматите и растечките студентски долгови, американскиот сон за можности станал шега на социјалните мрежи, „Јади ги богатите!“
Освен економските влијанија, т.н. „доцен капитализам“ – термин кој генерално го означува модерниот капитализам со кој доминираат мултинационалните корпорации и сконцетрираното богатство – исто така комерцијализираше многу аспекти од постоењето. Во студијата „24/7: Доцен капитализам и крајот на спиењето“, професорот по уметност на Универзитетот Колумбија, Џонатан Крери истражува како капиталистичките импулси за стимулирање на растот и иновациите нема да ги запре ништо. „Бидејќи капитализмот не може да се ограничи“, пишува тој, „поимот за зачувување или конзервација е системска неможност.“
Милијардерот менаџер на хеџ фонд Реј Далио, отворен критичар на слабостите на капитализмот, вели дека заговорниците на системот имаат два избори. „Сите добри работи доведени до екстреми стануваат самодеструктивни“, напишал во 2020 година, „и сите мора да еволуираат или да умрат.“ Тој го преферира првиот избор.
Според некои истражувачи, еволуцијата веќе заживеала. Наместо „неолибералниот“ капитализам кој го евангелизираат личностите како Роналд Реган, кој заговарал дерегулација, големи корпорации и ниски даноци за богатите, т.н. „нова економија“ која во ноемврискиот извештај ја промовирал прогресивниот Рузвелт институт, ја опишува како движење кон работникот како засилување, поголеми даноци за богатите и поголемо влијание на Владата.
„Останува да се утврди дали овој нов пристап означува долготрајна промена или не“, напишале авторите на извештајот, „и дали ова поместување ќе отиде доволно далеку ќе зависи од исходот на политиката и политичките борби кои претстојат“.
Извор: b92.net
Фото: Shutterstock/Victor Moussa

