МакедонијаСиндикат

Избрани нови синдикални претставници на ССНМ во Македонската радио-телевизија

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) избра нови синдикални претставници во Македонската радио-телевизија (МРТ), со мандат од две години, преку електронско гласање на членството во МРТ и одзив од 58 проценти. Со новиот состав се очекува континуитет во заштитата на работничките права и зајакнување на синдикалното делување во јавниот сервис.

Синдикалната група на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници при Македонската радио-телевизија на 20 април 2026 година на средба во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, со мандат од две години, ги избра новите синдикални претставници во јавниот сервис.

За синдикален претставник на гласањето кое беше организирано електронски при што можност за гласање имаа сите членови на ССНМ во МРТ (правото го искористија 58 проценти од членството) беше избрана новинарката Елизабета Кузмановска. Кузмановска целиот работен век го минува во јавниот радио-дифузен сервис, и е долгогодишен член на ССНМ при што со својот ангажман демонстрира несебичност и грижа за колегите и за стриктно почитување на работничките права.

За заменички на синдикалниот претставник и први соработнички на Кузмановска, според бројот на освоени гласови, беа избрани Наталија Зафировска и Билјана Георгиевска.

На собранието на синдикалната група се обратија досегашната синдикална претставничка во МРТ, Марина Тонева-Стојановска која се заблагодари на досегашната соработка, претседателот на ССНМ, Павле Беловски, кој се осврна на 4-те години постоење на групата и членот на ИО на ССНМ, Јован Лесански кој говореше за предизвиците што стојат пред синдикалната група на ССНМ во МРТ.

Елизабета Кузмановска во обраќањето рече дека ѝ е чест што ја добила довербата од колегите да ги претставува новинарите и медиумските работници во МРТ и се надева дека заеднички ќе ги надминуваат сите препреки кои се однесуваат на работничките и професионалните права.

На средбата која се одржа во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје беа соопштени резултатите од гласањето и истовремено на собранието беше донесена одлука за проширување на координативно тело на ССНМ при МРТ кое сега наместо шест брои девет членови. Во него се: Марина Тонева-Стојановска, Фљорија Камбери, Александра Касапинов, Ерџан Садики, Мерал Мусли, Весна Илиќ, Душко Лазороски, Зорица Чинго и Билјана Жеревска.

Овој настан беше организиран во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на новинарите за одбрана на своите права“ поддржан од European Endowment for Democracy.